Достапни линкови

Грција денеска со завршен збор пред Хаг


Во Меѓународнот суд на правдата во Хаг денеска ќе се одржи последното рочиште од усното соочување меѓу Македонија и Грција по тужбата во врска со прекршувањето на Времената спогодба потпишана меѓу двете земји во 1995 година. Грчката страна денеска треба да го изнесе завршниот збор.
Потоа Судот ќе одлучува по жалбата по завршувањето на усното соочување, а пресудата се очекува да биде донесена најдоцна наесен.
Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот.
Апликацијата пред Меѓународниот суд на правдата против Грција, Македонија ја поднесе во ноември 2008, неколку месеци по Самитот на НАТО во Букурешт.
Грција бара од Судот да се прогласи за ненадлежен во врска со овој предмет бидејќи смета оти во прашање е одлука на НАТО.
Македонскиот козастапник пред МСП и амбасадор во Холандија Никола Димитров во завршното обраќање пред Судот истакна дека Македонија бара јасна пресуда што ќе ја обнови правната стабилност и ќе потврди дека тоа што еднаш е договорено не смее да се користи за да се добие предност по прашањето за името.
XS
SM
MD
LG