Достапни линкови

Интервју - Индермит Гил


Една од работите кои треба да се имаат предвид е дека дури и за време на годините кога земјата добро напредуваше, немаше намалување на стапката на невработеност во Македонија, вели главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија Индермит Гил во неделното интервју за Радио Слободна Европа.




Господине Гил, како би ја оцениле македонската економија во овој момент?

Во Македонија сум само три дена и нема да ви дадам експертска оценка за економијата. Но, она што можам да ви го кажам е дека Македонија добро се справи со кризата, на начин што ја задржа стабилноста во економијата. Мислам дека три фактори се одговорни за тоа. Прво, тоа што Народната банка ги задржа монетарната и финансиска политика на исто ниво, второ тоа што министерството за финансии го одржа фискалниот дефицит на соодветно ниво, трето е тоа што што Македонија го направи за подобрување на бизнис климата и покрај економската криза. Мислам дека во поглед на стабилноста, македонската економија е во добра позиција. Вистинското прашање со кое се соочува економијата сега е како да се искористи ова стабилна основа за да се зголеми економскиот раст. Значи искористете ја оваа основа за да го забрзате растот и токму тоа е предизвикот со кој се соочува Македонија. И таа не е единствена во справувањето со овој предизвик. Македонија е една од неколкуте земји кои добро ја поднесоа кризата. Но, сите тие земји треба да работат на тоа како да го забрзаат економскиот раст.

Моето следно прашање се надоврзува со вашиот одговор. Како според вас се одрази економската криза во Македонија, споредено со другите земји во регионот и во Европа?

Мислам дека Македонија ја дочека кризата со солидни економски основи во однос на другите земји. Впрочем, тоа што Македонија го направи пред кризата беше подеднакво важно колку тоа што го направи за време на кризата. Во смисла на одржување на стапките на раст на кредити на приватниот сектор на умерено ниво, на одржување на фискалниот дефицит на соодветно ниво, на подобрување на бизнис климата. Сето тоа беше правено пред, но и за време на кризата. Во таа смисла мислиме дека македонската економија беше во подобра позиција во однос на другите економии. И како резултат, гледате дека шокот од падот на економскиот раст беше всушност релативно мал во Македонија.

Велите дека Македонија добро ја поднела кризата. Но, факт е дека во земјава има голем процент на навработеност. Постои ли стратегија за надминување на ризиците кои со себе ги носи таквата криза?

Би сакал малку да го свртам прашањето. Зошто изгледа дека високата невработеност во Македонија е нешто што го имало пред, за време на кризата и по неа. Значи тоа не е прашање што е толку поврзано со кризата, колку што е прашање на структурна слабост на македонската економија и треба така да се толкува. Една од работите кои треба да се имаат предвид е дека дури за време на годините во кои земјава добро напредуваше во поглед на економскиот раст, не видовме намалување на стапката на невработеност. Дури и во тие години стапката на раст не го достигна нивото на она што го видовме во централна и источна Европа. Всушност најголемата слабост во македонската економија е економскиот раст. И доколку би можел да го сменам вашето прашање тоа би било НЕ како треба да се справиме со проблемот на невработеноста, туку како да го зголемиме економкиот раст? Секој би се справил со истите реформи кои би го забрзале економскиот раст. Ако треба да издвојам една од нив која е посебно значајна за македонската економија, би рекол дека тоа е образованието кое треба да биде главен приоритет.

Неодамна од канцеларијата на Светската банка изјавија дека на земјава ќе и требаат најмалку 80 години за да го достигне европскиот економски стандард. Што е потребно за остварување значаен економски раст?

Веројатно не би се согласил со мојата колешка, бидејќи тоа зависи од тоа што Македонија го прави и мислам дека тоа е нешто на кое Македонија може да влијае. Ако го видиме искуството на земјите кои се приклучија во Европската Унија, гледаме дека тие многу брзо ги зголемија своите стандарди. Не сите од нив, но некои направија значаен прогрес, како на пример Бугарија, Романија, Полска итн. Во поглед на очекувањата, мислам дека тоа зависи од она што Македонија го прави. Она што таа треба да го направи според мене, е да се интегрира во Европската економија, да ги воспостави истите институции на Унијата, да ја употреби инфраструктурата која е потребна за македонските стопанственици да можат да ги искористат предностите на пазарот и да размисли јасно како да ги искористи парите за активности кои имаат голем потенцијал.
Ако Македонија стане дел од тој пазар кој е блиску до неа, мислам дека таа може да постигне подобар стандард за многу пократко време. Ќе ви дадам пример на земја која го направи тоа. Полска во 1990 имаше приход по жител од 2000 долари, денеска има 12 500 долари по глава на жител. Начинот на кој тоа го направи е преку интеграцијата во Европската Унија, исто така таа осигура солидна монетарна политика и стапките на инфлација беа внимателно контролирани. Трето што направи е тоа што инвестираше многу во образованието. Мислам дека тоа се работите од кои Македонија може да научи и ако ги примени добро тогаш не мора да чека 80 години, туку 20.

Дали зголемената цена на храната и нафтените деривати влијаат на економскиот раст?

Мислам, дека влијаат. Тие се работи кои не само што влијаат врз целокупната економија, туку и врз сиромашните и врз политиката воопшто, затоа треба внимателно да се менаџираат. Но, тоа се работи во кои Македонија не е единствена, тоа се многу вообичаени нешта ширум светот. Не треба да се превземаат драстични мерки и мислам дека нема опасност од тоа, но тоа се работи кои мора внимателно да се менаџираат, бидејќи се се сведува на тоа да се одржи инфлацијата на ниско ниво. Кога стапката на инфлација е висока, тоа создава многу нестабилна атмосфера и најмногу ги погодува сиромашните.

Господине Гил, каква е улогата на банките во пост-кризните општества?

Банкарскиот сектор е многу важен, има многу важна функција. Прво, банкарскиот сектор не треба да влијае на нестабилноста и мислам дека политиката која Народната банка ја води, засега го одржа стабилен банкарскиот сектор.
Второ нешто што банките треба да го направат, е да почнат да одобруваат кредити кога за тоа ке има побарувачка. Тоа се уште не е случај во Македонија и покрај тоа што веќе сме сведоци на знаци за зголемена побарувачка на кредити. Но, финансиите се крвотокот во овој бизнис. Не можете да водите бизнис без финансии. Мислам дека тоа е многу значајно. Во лоши времиња, финансиите можат да ја зголемат нестабилноста, во добри времиња финансиите ви се потребни за економски раст. За да ги искористите предностите од економскиот раст во други региони, потребен ви е добар финансиски сектор.

Спомнавте дека образованието е особено значајно за економскиот развој. Кои други фактори можат да го зголемат економскиот раст во мали и затворени економии како што е македонската?

Особено важно е да се обидете да се интегрирате во светските пазари. Мислам дека тоа е најважната работа. Значи што и да помага во насока на зголемување на надворешната трговија, тоа би и помогнало на економијата. Но, она што треба да се нагласи е тоа што ние го нарекуваме повторно разгледување на моделот на економски раст, односно што е потребно за да се зголеми растот во една земја. Она што го увидивме е дека сите земји во Европа треба повторно да го разгледаат нивниот модел. Значи да одговорам на вашето прашање, сето тоа зависи од финансиите, од претприемништвото, од иновациите, од пазарот на трудот, од јавниот сектор. Мислам дека Македонија треба да оцени кои од овие критериуми функционираат добро, а кои не. Она што ние го увидовме кај многу земји е дека надворешната трговијата и финансиите се најважни, тука најмногу е направено. На претприемништвото и иновациите им требаат промени, но кога се работи за пазарот на трудот и јавните услуги, тука треба да се направат многу промени.

Ако добро ве разбрав, задоволни сте од бизнис климата во земјава. Но, дали евентуалното членство на земјава во Европската Унија или НАТО би ја подобрило бизнис климата и би предизвикало бран странски инвеститори во земјава?

Реков дека има многу напредок во однос на бизнис климата во смисла на тоа што му треба на бизнисот, но индикаторите кои ги користиме се работите што ги пишува во книгите, во законите... тоа е многу важно, но не и доволно. Мислам дека Македонија направи многу значајни чекори во насока на промена на тоа што го пишува во книгите, но сега треба да го поддржи тоа со нивно имплементирање.
Ете тоа веќе се случува. На пример во царинската управа, тие промени беа спроведени. Прво сакам да појаснам дека е направен голем прогрес, но останува уште што треба да се направи. Во однос на вашето второ порашање, мислам дека е покорисно и поважно да се каже како да се остане на таа патека кон евроинтеграцијата. Кога ќе го покренете тоа прашање, ќе видите дека Македонија треба да направи многу работи за да остане на тој пат. Една од работите е да се обиде да види што прави Европската Унија во однос на трговијата со трети земји, или како некој да се приклучи кон производствените мрежи кои се пратени во Германија или во друга земја со цел да развие поблиски економски односи со тие земји. Тоа се работи кои можат да се направат и без членство во политичка Унија, како Европската Унија. Се додека Македонија е на тој пат, ќе почне да ги чувствува придобивките кои ќе ги добие, се додека Македонија работи на подобрување на институциите ќе сфати дека кога ќе стане дел од Унијата ќе може да ужива во нејзините бенефиции.

Светската банка е присутна во Македонија речиси од нејзиното осамостојување, преку различни форми на поддршка. Дали сте задоволни од резултатите на проектите за коишто давате пари?

Ние никогаш не сме задоволни, секогаш сакаме повеќе и подобро. Мислам дека она што досега го имаме се многу добри односи со Владата и чувствуваме дека таквата врска може да ја зацврстиме со цел да и помогнеме на Македонија да покаже одлични резултати. Но, не сме задоволни, зашто ако сме, тогаш Вие треба да бидете загрижени.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG