Достапни линкови

Преглед на печатот


Весници, неделници, печат...
Весници, неделници, печат...

Надмудрувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу изборите - доминантна тема во речиси сите неделни печатени изданија. Фокус ја пренесува пораката од поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере: „Допрва ќе ги жнеете плодовите од отровот што власта сега го сее во Македонија“.




Глобус - Изборите нема да ја решат кризата туку ќе ја направат нерешлива


„Изборите нема да ја решат кризата туку ќе ја направат нерешлива“, песимистички е насловено во Глобус, скенирањето на политичко-менталната состојба на умот на македонскиот човек во актуелните услови во државава. Авторот на анализата смета дека има повеќе причини зошто во Македонија немало, ниту пак ќе има регуларни избори - материјални, финансиски, криминални, корпоративни, културни, односно некултурни итн., но генералната линија сепак оди долж незавршениот процес на конституирање. Глобус наведува дека: „Власта не е власт, туку гарнитура која наумила да ги удри темелите на новата македонска антицивилизација така што ќе ги бутне претходните врз кои селегитимираше комунистичката државотворна реализација и нивните наследници во ликот на Социјалдемократскиот сојуз и се' што стои на патот на таа мисија ќе биде збришано од лицето на земјата потемелно отколку што тоа му се случи на јапонскиот град што исчезна од лицето на земјата“, заклучува Глобус.

Изборите главна тема во неделниците

Форум: Среќна нова 1994

Форум, со асоцијативен наслов: „Среќна нова 1994!“, ја анализира актуелната состојба на повлечи-потегни во врска со предвремените избори меѓу лидерите на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, потсетувајќи на 1994 година кога ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Гошев ги бојкотираа тогашните редовни парламентарни избори и кога, од една страна, креираше апсолутистички настроена власт со неконтролирана моќ, а од друга, исфрустрирана опозиција која немаше друг простор за искажување на својот гнев, освен улицата. Авторот на анализата во Форум заклучува дека Груевски во рацете има меч со две острици: изборите ги најави како излез од парламентарната криза што ја предизвика СДСМ и без оглед колку е во право дека држејќи се до легалистичките толкувања ги прифатил сите правно-логични барања на опозицијата, повеќе од реални се стравувањата дека избори со бојкот на опозицијата повеќе водат во еден тунел во друг, отколку на прав пат.

Фокус - Допрва ќе ги жнеете плодовите од отровот што власта сега го сее во Македонија

Фокус објавува скратена верзија на интервјуто на поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, дадено за новото политичко списание „Решенија“, чиј прв број ќе излезе деновиве, а ќе се печати на македонски, албански и на англиски јазик. И во ова интервју се прави вивисекција на политичко-менталниот склоп на македонскиот граѓанин и на актуелната власт, а редакцијата на неделникот во насловот ги цитира зборовите на Фуере дека „Допрва ќе ги жнеете плодовите од отровот што власта сега го сее во Македонија“. Фуере е загрижен дека, како што се ближи времето за избори, било вонредни или редовни, заплашувањето и полнењето на јавната администрација со партиски војници само ќе се зголеми, а тоа создавало страшна ситуација. Ова е отров што се сее, вели евроамбасадорот, а отровните плодови ќе се берат во годините пред нас.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG