Достапни линкови

Хојт Ји денеска ќе го соопшти ставот на САД


Архивска фотографија - изјава за медиумите на Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји.
Архивска фотографија - изјава за медиумите на Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји.

На вториот ден од посетата, американскиот функционер Хојт Ји се среќава со претседателот Ѓорге Иванов, Талат Џафери, кој е избран од мнозинството за претседател на Парламентот и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, денеска се среќава со претседателот Ѓорге Иванов, со Талат Џафери, кого мнозинството го избра за претседател на Собранието и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на СДСМ Зоран Заев.

По средбата со американскиот функционер вчера, претседателот на ДУИ Али Ахмети рече дека пораката што ја пренел Ји е дека Македонија треба да се движи во насока на стабилност и да се прифати реалноста, а тоа е изборот на претседателот на Собранието, кој треба да биде поддржан и од оние кои го оспоруваат, зашто неговиот избор е направен на легален и легитимен начин.

„Се разбира дека нема враќање назад, сите овие настани, доколку не се освестиме, ќе ги почувствуваат сите граѓани на Македонија. Да се прифати новата реалност, изборот на претседателот на Парламентот, да се поддржи и од тие сили кои го оспоруваат изборот на Џафери како претседател на Парламентот, бидејќи изборот е направен по законски и легитимен пат”, рече Ахмети по средбата.

Ваквата порака според досегашните изјави би била најспорна за ВМРО-ДПМНЕ. Досегашниот претседател на парламентот и претседавач со конститутивната седница Трајко Вељаноски викендов изјави дека со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е прекршен Законот на Собранието, Уставот и Деловникот на парламентот на Македонија. И од ВМРО-ДПМНЕ во своите соопштенија го нарекуваат Џафери парапретседател.

Од Иванов, пак, според претходните изјави на Ји тој се очекува да побара да ја преиспита одлуката и да го додели мандатот. Тој минатиот месец при посетата на Загреб, рече дека мнозинството во парламентот изрази волја да формираат влада и дека се надеваат оти македонскиот претседател ќе овозможи што побрзо тоа да се случи.

Американскиот функционер во Скопје пристигна вчера, ден пред претходно најавеното. Покрај со Аxмети, тој се сретна и со претставници на движењето БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА.

Од БЕСА и од Алијансата за Албанците преку писмени соопштенија известија дека на американскиот дипломат му посочиле дека остануваат посветени на започнатите процеси. По завршувањето на средбите со политичарите и со претставниците на граѓанскиот сектор најавено е дека американскиот функционер ќе даде изјава за медиумите.

Од досегашните реакции на официјален Вашингтон по случувањата од четвртокот во Собранието, се очекува тој силно да го осуди насилството, а властите да ги ги повика да ја осигураат безбедноста на членовите на Парламентот, да се спроведат темелна истрага за нападите, а одговорните лица да бидат казнети.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG