Достапни линкови

Џезот – демократска форма за комуникација меѓу културите


Со концерти во Камарите во Битола, Домот на култура „Ванчо Прке“ во Штип и со деветчасовниот хепенинг „Денес сè е џез!“ што го потпишува Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, а кој е планирано да се одржи пред платото на Младински културен центар, во Република Македонија, в недела на 30 април, по шести пат, ќе биде одбележан Интернационалниот ден на џезот.

Некако навидум срамежливо и чисто повеќе од инает на силната атака од „настанот на сезоната“ – концертот на аркановата вдовица Цеца во зачнатата „барокна метропола“, во април 2012 група ентузијасти и прекалени џез музичари (Дамир Имери, Оливер Јосифовски, Гоце Стефковски, Иван Бејков, легендарниот Кубанец Оскар Салас...) го иницираа и без никаква институционална помош, на плоштад Македонија, го сторија првичното чествување на џезот како најслободарска звучна творба во земјава. Тогаш мисионерот Тони Китановски, денес декан на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој генерално не милува „колективизам“, ќе забележи:

„Пак се вративме на прастарата дефиниција на џезот, онаа токму од музичар и тоа не од било кој туку од Дјук Елингтон. Тој рече дека џезот е музика на човечкиот род. Значи има една универзална конотација. Џезот навистина е музика на човековиот род. Секаде каде што ќе отидеш ќе најдеш некој џез музичар, доволно луд и со огромна страст. Секогаш оваа музика зависела од страста на музичарите, а не од пазарот, од политичките влијанија. Значи една колективна дружба, нешто што го соединува светот“, вели Китановски.

Половина декада подоцна, одбележувањето на 30 април – Интернационалниот ден на џезот во Република Македонија веќе ја доби својата „институционална формална форма ( помага дури и Министерството за култура), а сите глобални настани што по тој повод ќе бидат организирани можат да се најдат и на официјалната мапа што ја изготвува американскиот Институт за џез „Телониус Монк“.

Ова, пак, подразбира дека ние партиципираме со навидум три „скромни“концертни случувања и со предавање за џезот што во скопската интернационална гимназија Нова за учениците треба да го одржи токму професорот Китановски.

И, кога сме веќе тука да тргнеме со ред.

Во организација на Младински културен центар – Битола и Клубот на УНЕСКО, а во соработка со Камарите, во Градот на конзулите ќе свират веќе докажани мајстори и едукатори. Квартетот го сочинуваат гитаристот Сашо Поповски, сакасафонистот Гоце Мицанов, Иван бејков на бас и иктор Филиповски на тапани.

Во Штип идејата се потпира главно на млади инструменталисти, студенти на Академијата кои пукаат од енергија и ентузијазам на сцена, а за Скопје е најавен деветчасовен маратон што треба да се одржи пред платото на Младински културен центар. Зад него организациски застана Здружението на џез музичари и слободни уметници.

Овде сопствената потреба за поинаква звуковност, во рамките на она што е озаглавено како „Денес сè е џез!“, точно напладне, најнапред ќе почнат да ја распостилаат оние кои допрва доаѓаат - IN BETWEEN, всушност студентите од џез одделот при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Следува БЕЛУЧИ КВАРТЕТ во кој се потентниот саксафонист Кирил Кузманов, контрабасистот Кирил Туфекчиевск, Гордан Спасовски на клавијатури и Благоја Антовски на тапани, а по нив и ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ - составот кој во изминатава декада е вистинска благоден на домашната сцена и кој својот карактеристичен звук го потпира пред сè на своето видување на свингот, звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, рокабили звукот и музиката на почитуваните мајстори на македонската фолклорна традиција. Егзотично и дефинитивно оригинално.

Забавата за очекување е да продолжи со набилданите SETHSTAT, кои скоро две децении неуморно ја промовираат овдешната слободарска музичка мисла експериментирајќи во границите на модерниот џез, панк и фриџезот ( „едно музичко патување со себе, во себе и меѓу себе, растегнато врз замислен, но реален свет“), и со ЏОЛЕ ГРУЈОВСКИ КВАРТЕТ во кој покрај лидерот и гитаристот се и Филип Димишковски на клавијатури, Оливер Јосифовски на контрабас и Александар Џигер Ванчовски зад тапаните.

Во најавата следни се забревтаните FIERCE, чија звучна слика се потпира на современиот џез со силни и иновативни рифови, ритмови и мелодии, а по нив следува ТОНИ КИТАНОВСКИ ТРИО во чиј состав во случајов се исклучителниот пијанист Васил Хаџиманов и Виктор Филиповски на тапани. Се разбира на нивниот репертоар се разврзувањето на џез класиците и препознатливите авторски теми кои се документирани на нивните досегашни вонсериски објави.

За 19 часот е најавен и првиот интернационален перформанс. На сцената се очекува да се искачат IMAGINARY FOLKLORE – „космополитска мешавина на три силни музички фигури од Аргентина, Италија и од Македонија“. Позајмувајќи идиоми и форми од џезот, етиописката и музиката на Гана, традиционална и современа класика, балканската и јужно-американската музика – музиката на IMAGINARY FOLKLORE , како што е забележано во прес-материјалите, ја претставува трансферзалата меѓу континентите, културите и луѓето ширум светот. Сево ова е вклучено во нивната интеракција, оригиналните композиции и аранжмани.

Инаку, во бендот членуваат Лео Џеновезе (пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали), Франческо Марокочи (контрабас, ударни инструменти и вокали) и нашиот Александар Петров (перкусии и вокал).

Конечно, големото финале е оставено за ЗЏМ БИГ БЕНД ОРКЕСТАР, кои по неодамнешното респектабилно разсвирување на музиките на македонските творци во Домот на АРМ, ќе го сторат и своето второ посегање по вселенската музика на ненадминатите БИТЛСИ, но овојпат со Џијан Емин зад пултот.

И, уште нешто. Интернационалниот ден на џезот не само што подразбира илјадници перформанси по светот – од Токио до Лос Анџелес, туку ќе биде крунисан и со големиот глобален концерт по тој повод што ќе се одржи во Хавана, Куба, а на кој се очекуваат врвните мајстори како Херби Хенкок ( Амбасадор на добра волја во УНЕСКО), Квинси Џоунс, Кени Гарет, Гонзало Рубалкаба, Џафер Јусеф, Реџина Картер, Касандра Вилсон и мнозина други. А, славниот басист Маркус Милер, кој годинава е одбран за УНЕСКО АРТИСТ НА МИРОТ, во својата порака ќе напише:

„Џезот е прекрасна, демократска музика. Силно ги охрабрува и им дава простор да ја изразат својата индивидуалност како тим на музичарите со многу различни точки на гледање. Џезот е многу значајна уметничка форма и може да биде користена како модел за заедничко делување на различните култури.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG