Достапни линкови

Неделниците со теми за кризата, но пред да се случат насилствата


Изданијата на неделниците излегоа пред да се случи насилството во Собранието. Во последните изданија Фокус пишува за пораките кои треба да ги донесе Хојт Ји, Глобус за „руската офанзива на Македонија“, а Република за парите на Сорос и за тоа дека ако нема избори, ќе има народ на улица.

Неделниците веројатно допрва во следните изданија ќе ги анализираат насилните случувања во четвртокот вечерта и ноќта во Собранието на Македонија кои кулминираа со крвава разврска.

Фокус - Пораките на Хојт Ји

Фокус се сосредоточува на претстојната посета на високиот функционер на американскиот Стејт департмент, Хојт Ји, кој, според дипломатски извори на неделникот ќе пренесе неколку пораки од САД усогласени со ЕУ.

Едната е дека „ќе му каже на Груевски дека со Иванов ги чека меѓународен суд!“

Дипломатски извори на неделникот, се наведува понатаму, велат дека Хојт Ји, кој Македонија ќе ја посети в понеделник и ќе се сретне со лидерите на политичките партии, ќе им порача исто така дека мора ургентно да се одблокираат демократските процеси во Македонија, односно претседателот веднаш да му го даде мандатот на лидерот на парламентарното мнозинство уште во текот на наредната недела за итно да се формира влада.

Глобус - „Нова руска офанзива на Македонија“

Глобус ја пренесува анализата на еминентниот американски аналитичар со полско потекло и познавач на состојбите во Југоисточна Европа, Јан Бугајски, насловена: „Нова руска офанзива на Македонија“, во која тврди дека Москва веќе го отворила новото бојно поле на Балканот: целта, смета Бугајски, не е само да се запре патот на Скопје во НАТО, туку опасноста е многу поголема, вели. Македонија за Кремљ нуди уште еден значаен придонес за поттикнување етнички конфликти на Балканот и во ширењето на анти-западното расположение. Бугајски забележува дека со цел да ја придобијат македонската јавност, Москва говори дека е во тек национален удар во Скопје, спроведен под команда на САД и дека Вашингтон го поддржал создавањето Голема Албанија. Како клучни ризици за ескалација на конфликтот, Бугајски ги наведува политичката поделба меѓу Македонците и етничката поларизација меѓу Македонците и Албанците.

Република - „Или избори или улица“

Република на насловната со својата тема - Сорос, па со прашалник пишува: „Во екот на политичката криза – 12 милиони долари на американските граѓани на сметката на Сорос во Македонија?“ На внатрешните страници во еден текст во врска со барањето на „За заедничка Македонија“ а и на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски – уште едни предвремени парламентарни избори како единствен излез од политичката криза, неделникот насловува:

„Соочување на избори или на улица“, заканувајќи се дека „Заев нема да избега од народот“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG