Достапни линкови

Заев вети одблокирање, ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против тоа


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево вети дека ќе се одблокира дебатата во Собранието, но не одговори кога и на каков начин ќе се случи изборот на нов претседател. Заев игра на сè или ништо, бидејќи знае дека ова е неговата последна шанса во политиката, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево вети дека ќе се одблокира дебатата во Собранието, но не одговори кога и на каков начин ќе се случи избор на нов претседател од редот на оформеното мнозинство. На прес-конференција во Собранието, тој рече дека парламентарното мнозинство тоа ќе го направи кротко, трпеливо, внимателно и во согласност со Деловникот, законите и Уставот.

„Ја преземаме обврската да продолжиме со демократските процеси, со избор на нов претседател на Собранието и тоа токму од редот на оформеното и декларирано мнозинство. Државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси и Македонија конечно да добие институции што ќе работат во полн капацитет“, рече Заев.

За предупредувањата од ВМРО-ДПМНЕ да не се осмелуваат да направат државен удар, Заев вели дека се глупави закани.

„Будалаштина е државен удар. Оформено и декларирано парламентарно мнозинство да носи одлуки во парламентарна демократија не е државен удар. Тоа се само глупави закaни од тоа што некогаш значеше мнозинство, а сега е малцинство во Собранието. Да не си прави некој бајрам на мозокот, да ги плаши заканите. Нас сигурно нема да не исплашат, храброст и решителност сите знаат дека не ни недостасува“, рече Заев.

Според Заев раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја предаде власта бидејќи се плаши од одговорност. Истакна дека СДСМ го прифатиле истото она што го прифатил и ВМРО-ДПМНЕ, плус поддршка за работата на СЈО.

„Лага е дека ќе се менува Уставот, лага е дека ќе се носат закони спротивни на Уставот, лага е дека Македонија ќе биде бинационална држава, лага е дека ќе има федерализација или кантонизација, лага е дека ќе се менува уставното име и идентитетот на Република Македонија, лага е дека ќе се менува знамето, грбот и химната на државата, лага е дека ќе мора да се учи албански јазик во Штип, во Кочани, во Берово, во Прилеп, во Битола, во Гевгелија, во Струмица, во Радовиш, лага е дека ќе има казни ако не се знае албанскиот јазик, лага е дека ќе се прогласи македонскиот народ за геноциден“, рече Заев.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив секоја одлука која значи кршење на Уставот, законите и Деловникот ќе се смета за формирање на паралелни институции, а тоа како што рекоа нема да го дозволат. Антонијо Милошоски изјави дека со сите демократски средства ќе се борат тоа да не се случи и повтори дека изборите се единственото решение за излез од кризата.

„Насилниот и нелегитимен претседател на Собранието ќе биде само вовед во формирање на паралелни државни институции, акт којшто нема да донесе ниту разрешница на политичката криза, ниту поголема стабилност ниту напредок на државата. Народот нема да седи мирно и да гледа како некој ја суспендира демократијата и институциите во државата", изјави Милошоски.

Претходно од собраниската говорница, Заев побара од претседавачот со конститутивната собраниска седница Трајко Вељаноски да дозволи да се гласа за поминување на наредната точка од дневниот ред – избор на претседател на Собранието. Истакна дека има можност претседател на Собранието да се избере и надвор од Парламентот.

Вељаноски одговори дека и да се премине на четвртата точка, односно избор на претседател на Собранието и за таа точка ќе мора да има дебата. Тој ги замоли пратениците да се откажат од дискусија за да може да се премине на наредна точка од дневниот ред, но рече дека не може да им го ускрати правото на дискусија. Вељаноски рече дека и продолжување на седницата по 18 часот нема ништо да реши.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG