Достапни линкови

Фестивал на живи статуи во Скопје


Меѓународен фестивал на живите статуи – СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ
Меѓународен фестивал на живите статуи – СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ

Светски познати артисти од Холандија, Германија, Португалија и од земјите во регионов, меѓу кои и двојниот светски шампион во живи статуи Џон Елке и прочуените „Европа статуа проект“, ќе земат учество на Првиот меѓународен фестивал на живите статуи и останатите – СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ, што на 28 и 29 април, во организација на Продукцијата за улична уметност ТЕАТРОК и Општина Центар, ќе се одржи на Сквер Јадран. Овој несекојдневен пионерски зафат ќе биде обоен со музиките на ФОЛТИН и ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ и диџеј-сетовите на Оги и Маци, Бугимен и Шурбе.

На Скопје, градот на кој „преродбата“ во својата фуриозност за бришење на неговиот идентитет, за нецела декада, му накалеми 34 споменици, 39 скулптури, 2 фонтани, порти и рингишпили, мостови со спомен обележја, в петок и во сабота, конечно ќе му се случат и живи статуи. Налик на оние што се поодамна традиција во Европа и кои наместо кичот ја слават уметноста. Уличната. Онаа што на луѓето вообичаено им црта насмевки на лицата и им ја влева вербата дека светот, сепак, може да биде подобро место за живеење. За сите.

На Првиот меѓународен фестивал на живите статуи и останатите – СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ, што како идејни творци и организатори го потпишуваат Продукцијата за улична уметност ТЕАТРОК и Општина Центар, во двата дена, на Сквер Јадран, се очекува својата умешност и стекнатите вештини да ги распостелат светски познати артисти од Холандија, Германија, Португалија и од земјите во регионов меѓу кои и двојниот светски шампион во живи статуи Џон Елке и прочуените „Европа статуа проект“. Згора на тоа првичното издание на манифестацијата проектирана да стане традиционална ќе биде збогатено со музиките на бендовите ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНИЕЗЕРИ и ФОЛТИН и диџеј-сетовите на Оги и Маци, Бугимен и Шурбе. Повеќе од доволно за усвитување на љубопитството на сите оние кои сакааат да живеат и творат наместо во „барокно“ во едно поинакво, заумно, урбано Скопје.

Говорејќи за идејата за проектот, актерот и пантомимичар Војо Цветановски, знае да каже, дека е зачната пред пет години но не за статуи туку за уличен театар. Подоцна, како се множело неговото присуство на таквите манифестации, расчистил со себе дека е подобро да се направи Фестивал на статуи отколку таков што само ќе ја слави театарската уметност на јавен простор.

„Фестивалот е направен на база на сè она што јас сметав дека е најдобро на оние места по коишто одевме. Каде што настапувавме. И најдоброто од нив го извлеков. Инаку, многу е комплицирано да се организира еден ваков цел настан. Од сите можни аспекти и да биде сè опфатено. Секој да биде задоволен како што треба и тргнувајќи од тоа дека за секого треба да има засебно катче во кое тој ќе се чувствува многу комотен. Не се штедевме во ниту една смисла како треба да се постави еден ваков фестивал“, вели Цветановски.

Тој дополнува дека следен е теркот на познатите фестивали како Шпанцирфест во Вараждин, Хрватска, или Маска во Букурешт, Романија, со таа задршка дека нашиот, скопскиот е покамерен бидејќи е на својот почеток.

„Ние располагаме со 12 артисти. Вклучувајќи ги и музичарите доаѓаме до бројката од 17 и тоа е малку за еден ваков настан. Но, ете прв е и сакаме да видиме како ќе поминеме со него, па ако е добар ќе се осмелиме да одиме чекор понатаму во смисла што значи втор фестивал“, вели тој.

Сепак, наспроти пожелуваното но само делумно остварено учество на селектираните артисти, Цветановски е убеден дека претставуваат исклучително успешна понуда на актови.

„По мојот вкус ни доаѓа хипер продукцијата и од Германија, и од Португалија и од Холандија. Ни доаѓа и светскиот шампион за живи статуи во 2010 и 2013 година Џон Елке од Германија. Тоа е доволен показател на кое ниво ја креваме летвичката на СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ“, вели тој.

Пантомимичарот, според расположението на јавноста и посебно поддржувачот на манифестацијата Општина Центар, не се сомнева дека случувањето во иднина може да прерасне во традиција и Скопје на тој начин, како еден од ретките градови од регионот, да го стави на мапата на ваквите светски збиднувања кои ја чествуваат уметноста на овој тип на перформери. Дури оди дотаму што вели дека покрај основната идеја да од година во година го зголемуваат бројот на актови, на статуи, стои и заложбата за понуда сочинета од сродните нешта како годинешното претставување на 3Д-графитите како уметност која секогаш наоѓа начин да остане на работ на авангардата („достапна е за сите и со својата иновативност ја буди љубопитноста на присутните...“), музиките (како во случајов со ФОЛТИН или ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ кој на Сквер Јадран ќе свират во пресрет на Светскиот ден на џезот...) и така со ред. Впрочем, не случајно уште отсега тој за догодина го најавува ЦИГО МЕН БЕНД, најдобриот „уан-мен бенд артист на светот“ со свое шоу, којшто е инаку од Пула и кого Цветановски, иако долго престојувал и работел во Хрватска, дури минатото лето успеал да го запознае на фестивал во Тиват, Црна Гора.

Сè заедно, уметникот и во случајов потписник на идејата за СКОПЈЕ УРБАН ФЕСТ, како поборник на тоа дека светот треба да бие пристојно место за живеење, смета дека на овој начин се прави силен напор за враќање на изгубениот дух на градот и дека добро би било овој тип на случувања да ги имаме што почесто. На неколку месеци како што вели.

„Дај боже ова да биде иницијална каписла за сите оние коишто ќе се осудат, ќе се одважат, и ќе помислат дека можат да направат настан па и да згрешат на крајот на денот. Секој треба да си ја следи сопствената мисла и сопствената идеја и да не се спречува самиот себе си туку да ја надградува за да се организираат случувања од ваков карактер кои само можат да го збогатуваат духот на луѓето“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG