Достапни линкови

Биг бендот на ЗЏМ на „Денови на македонска музика“


Биг бендот на Здружение на џез музичари и слободни уметници на Македонија
Биг бендот на Здружение на џез музичари и слободни уметници на Македонија

Со композиции од основоположниците и најистакнатите претставници на џезот и популарната музика во земјава и премиерни изведби на творби наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура, в сабота, на 1 април, во 20 часот, во Дом на АРМ, во рамките на 40-те „Денови на македонска музика“, концерт ќе одржи Биг бендот на Здружение на џез музичари и слободни уметници на Македонија.

Не многу по триумфалниот промотивен ноемвриски концерт во МОБ, Биг бендот на Здружение на џез музичари и слободни уметници на Македонија еве го пред нов предизвик. Ако на првата средба, оркестарот предводен од исклучителниот диригент и професор Зиги Фајгел од Академијата за џез во Грац, Австрија, посегајќи по космичката музика на БИТЛСИ, го започна испишувањето на сопствената звуковна сторија, овој пат, во рамките на 40-то јубилејно издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ на СОКОМ, ќе треба да го стори својот втор успешен исчекор. Нималку лесна задача, ако се знае дека талентираните инструменталисти во случајов, со виртуозноста што ја поседуваат и инаетот што ги води, со искуството стекнувано на домашните и интернационалните џез сцени, со маестро Џијан Емин пред себе, ќе треба да докажат дека нималку не биле залудни усилбите при формирањето на Биг бендот и сериозноста што сакат да ја практикуваат во иднина.

А, програмата за споменатиот концерт е сочинета од композиции на основоположниците и најистакнатите претставници на џезот и популарната музика во Македонија - Драган Ѓаконовски-Шпато („Поздрав до оркестарот“ - 1950), Александар Џамбазов („Балада за Шпато“ - 1987), Кире Костов („Акварел“) и Живојин Глишиќ („Разденување“ - 1986). Тука се Александар Пејовски („Луѓе“ - 2010) и Владимир Николов („Променливи пејзажи“ -2104), кој, патем, заедно со Кокан Димушевски и Антонијо Китановски се најде и во делот од перформансот во кој премиерно ќе прозвучат наградените творби на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура на Македонија („Let Ring“ - Николов, „Ламина“ - Димушевски и „М“ Блуз - Китановски).

„Се обидуваме не само да ги пресвириме оригиналните изведби на Танцовиот оркестар, туку и да направиме свои верзии и да оставиме наш личен печат, односно наше видување и интерпретирање на партитурите. Се надевам дека тоа и ќе го постигнеме бидејќи во последниве години имаме една плејада на млади музичари кои имале прилика да се школуват надвор и тие во комбинација со оние кои работеле овде креираа една фузија на различно уметничко знаење и искуство и сето тоа се трудиме да го преточиме во една енергија преку Биг бендот на Здружение на џез музичари“, вели Џијан Емин.

Тој дополнува дека помеѓу двата големи концерта го имале ексклузивниот настап на Виенскиот бал и дека во периодов што следува ги очекуваат настапите со оваа или со некоја збогатена програма на композиции од домашните автори на претстојните летни фестивали како Охридско лето, Прилеп џез викенд и други.

„Си поставивме веќе сериозни цели. Од квалитативен аспект најмногу. Се трудиме да правиме добри и квалитетни концерти бидејќи сега ова време, со оваа технологија и достапност на секаков вид на музика, се отворија можностите за литература од овој тип така да добро знаеме како звучи еден класичен светски биг бенд, а како би требало ние да звучиме кога изведуваме таков тип на музика“, смета диригентот.

За него, како што вели, најважно е во блиска иднина Биг бендот на Здружението на џез музичари покреативно да се занимава со нашата напишана авторска музика и така да ја лови својата опстојба на културната сцена.

„Мислам дека ќе успееме да опстоиме, нормално со несебичната помош на институциите во државата коишто би требало да помогнат во одржувањето на еден ваков тип на ансамбл и на тој начин да го стимулираат збогатувањето на музичката понуда на оваа наша сцена“, вели тој.

Кога сме веќе кај Џијан Емин, само мало потсетување.

Како еден од водечките современи македонски музичари, тој зад себе има повеќе од солидна репутација ширум светот. Од прв хорнист на Македонската филхармонија до вешт изведувач на музички импровизации или џез, од диригирање со меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање музика за филм и театар, Џијан се истакнува со сиот свој творечки немир секогаш рефлектирајќи самосвојна оригиналност, многу изведувачка енергија и беспримерна музикалност. Независно дали било тоа како некогаш со Д.Н.О, ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ, ЕЗГИЈА ОРКЕСТАР, подоцна со Тони Китановски или Ѓорѓи Шаревски, со ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ или денес со сопственото трио.

Згора на тоа Емин во годиниве наназад се јавува и како продуцент на неколку албуми, а бил и уметнички раководител на неколку музички фестивали. Особено бележити се и неговите соработки со светски познатите авторитети како А. Р. Рахман, Френк Лондон, Вилијам Паркер, Боб Стјуарт, Лука Аквино, Џанлука Петрела, Малколм Берн, Дерик Меј, Хуан Аткинс и Џеф Милс.

Покрај неговата матична институција Македонската филхармонија, Џијан Емин бил член и на Белградската филхармонија, оркестарот „No Borders“, ансамблот „Исток-Запад“ и оркестарот „FAMES“ за филмска музика, каде делува како оркестратор и диригент.

Како диригент, пак, има настапувано со Детроитскиот, Мелбурнскиот и Фламанскиот симфониски оркестар, оркестарот „L’amoureux“ од Париз, Симфонискиот оркестар на Кан, Белградскиот симфониски оркестар, со кои има изведувано и сопствени композиции и оркестрации.

Од друга страна, Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ – Скопје, e невладина организација, основана во април 2016 година со цел да ги обедини џез музичарите од Македонија, и да ја афирмира и популаризира домашната џез музика во земјата, но и надвор од неа. Тоа се залага за подобрување на музичката џез продукција, едукација на младите таленти и џез-ентузијасти преку организирање на џез фестивали и концерти, јавни дебати и настани...

Меѓу поважните проекти на ЗЏМ се вбројува и „Летниот џез караван“, манифестација која се одржа летото 2016 година, а која резултираше со успешни концерти одржани во четири градови низ Македонија (Ресен, Виница, Охрид и Кавадарци) на кои настапија ДАМИР ИМЕРИ ТРИО, ИВАН ИВАНОВ ТРИО, ТОНИ КИТАНОВСКИ КВАРТЕТ, ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, СЕТСТАТ, ФИРС, КАБАДАЈАС, СИМОН КИСЕЛИЧКИ ТРИО, САШО ПОПОВСКИ ТРИО , како и гостите од Србија – ФАНТАСТИК КОАЛИШН.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG