Достапни линкови

Дневен печат - Реалните проблеми во сенка на собраниските репликите


Продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав.
Продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав.

Јавниот долг надмина 5 милијарди евра, за операции се чека повеќе од година, нема медицински сестри, нема кој да предложи нови закони..., но затоа пак во Парламентот царуваат репликите, се само дел од насловите во дневните весници.

Дали некој во земјава се загрижува по веста што ја објави Слободен печат: „Јавниот долг на Македонија надмина 5 милијарди евра“. Информацијата весникот ја објавува според бројчаникот javendolg.mk. Споредено со бруто-домашниот производ, јавниот долг изнесува 53,21% од вкупниот БДП, потсетува Слободен печат.

Утрински објави дека „Во болницата ’8 Септември“ за операција на колк ќе се чека и по година и пол, а поради немање медицински сестри, од понеделник од 6 операциски сали ќе се затворат 3, а болничкиот капацитет ќе се редуцира за 60 кревети“.

И додека низ Скопје и другите градови во земјава маршираат демонстранти „бранејќи“ ја Македонија, политичката криза и непостоењето активни и ефектибилни институции си го земаат својот данок. Утрински информира дека „Во собраниската архива пристигнале извештаи за повеќе институции за работењето во 2016 година, ама нема кој да ги разгледа, како што и нема кој да предлага нови закони“.

„Во Парламентот функционираат само репликите“ - ја опишува весникот атмосферата во законодавниот дом каде што треба да се избере новиот претседател и да почне нормалната работа на Собранието.

Утрински во друг извештај вели: „Секој со свој устав и деловник во џебот – Собранието покажува отсуство на ефективен капацитет за надминување спорови“.

И Нова Македонија со сличен впечаток: „Ред реплика, ред процедурално“ – оди со наслов весникот. Вечер, како најважно од закочената работа на Собранието на насловната страница објавува: „СДСМ негира дека има тиранска платформа, ДУИ им ја плесна на собраниската говорница!“ И Дневник на насловната објавува: „Ејуп Аљими, пратеник на ДУИ: Платформа има – прва точка целосна рамноправност, втора – два официјални јазика“. И Дневник и Вечер ја објавија платформата на ВМРО-ДПМНЕ, што ја најави Груевски, а ја обелодени Антонио Милошоски на прес-конференција, за излез од политичката криза: „Пет точки за единствена РМ“, насловуваат овие два печатени медиума.

Инаку, „Пратеничкото столче на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот остана празно бидејќи тој замина на собир на Европските народни партии на Малта, иако поканата за настанот е на име на неговиот наследник во Владата“ – забележува Утрински под насловот: „Покана за Димитриев, патување за Груевски – на конгрес на Малта“. Истиот весник наслови: „Груевски на лизгав терен во Малта – претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол, отвори фронт против корупцијата и популизмот во своите редови и спречување на поттикнување етнички конфликти од страна на тие партии“. Вечер ја објавува веста за присуството на Груевски на конгресот на Малта и информира дека тој остварил повеќе билатерални средби и дека лобирал, како што изјавил, за „стратешките интереси на државата“.

Утрински, пак, информира: „Во Бундестагот загриженост политичката криза да не прерасне во меѓуетничка“. Слободен печат објавува дел од извештајот за ситуацијата во Македонија во Бундестагот: „Во една демократија легитимно е коалициите, односно мнозинствата, слободно да се составуваат“. Македонија со политичката криза стигна да биде употребувана и како застрашување. Имено, Утрински објавува дека кандидатот за претседател на Србија, Вучиќ, „Ја заплашува Србија со ’македонско сценарио‘“, се разбира ако тој не биде избран за претседател. Весникот објавува и изјави на неговите противкандидати дека „Вистинската опасност е ’сценариото на Вучиќ‘“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG