Достапни линкови

„Крик на жената 2017“ - уметнички чин против родово базираното насилство


Со целодневна изложба, дебата на тема „20 дена по 8 март и шчо напраифме?“, видео проекции од НВО за правата на жените, тематски слем и поетско читање, утре, на неколку локации во Скопје, по втор пат, ќе се одржи Меѓународниот фестивал на поезија и уметност – „Крик на жената“ (Woman Scream), ширум светот познат како Women Poets International Movement (Mujeres Poetas Internacional MPI).

Емилија и Стојче Тоциновски, Ана Ранковиќ, Ганна Мозгова и Иванка Апостолова Баскар се уметниците чии дела ќе бидат изложени во студио „Фантаст“ во ТЦ Бисер. Паралелно со почетокот на изложбата во Џебно кино, во Младински културен центар – Скопје ќе започне дебатата на тема „20 дена по 8. март и шчо напраифме?“. За родовата рамноправност, борбата против семејно насилство и правата на жените како основа за поправедно општество ќе дискутираат Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија – МППС, Марија Савовска од Акција Здруженска и Билјана Страмшак Ѓуровска.

Веднаш потоа, во истиот простор, се планирани видео проекции од НВО за права на жените, за од 18 до 19 часот во клуб МКЦ најнапред да се одржи тематскиот слем на кој ќе учествуваат Рената Пенчова, Константин Карев, Марина Мијаковска, Цветанка Колева, Наташа Сарџоска, Василка Голубова, Кети Јованова и Симона Ташева. Конечно, активностите ќе кулминираат со поетското читање на кое е предвидено да настапат Џабир Дерала, Дијана Петкова, Д. А. Лори, Драгица Најческа, Виолета Танчева Златева, Ирена Јурчева и Филип Клетников, во паузата ќе се случи и мал виолински концерт со Шкелзен Пајазити, и за крај е оставена модната ревија на креаторките Сара Реџиќ и Магдалена Таневска.

Ова се активностите планирани за локалното издание на Меѓународниот фестивал на поезија и уметност – Крик на жената, кое во Република Македонија ќе се обистини по втор пат овој вторник, на 28 март, а кое како организаторки и координаторки и годинава го потпишуваат поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова, во координација со здружението „Јустиција“.

Инаку, фестивалот ширум светот е познат како Women Poets International Movement (Mujeres Poetas Internacional MPI) и потекнува од Доминиканската Република. На меѓународно ниво координиран е од тамошната писателка и сликарка Хаел Урибе, која е и Претседателка на MПИ. Всушност станува збор за светски синџир на настани кои се одржуваат во текот на месец март (од 1 до 31), при што поети/поетеси, уметници и организации од различни земји волонтираат во чест на жените и испраќаат пораки на самодоверба, почит и на тој начин го зајакнуваат гласот против родово базираното насилство врз нив.

Оливера Доцевска знае да каже, дека идејата за овој Фестивал кај нас тргнала од некои приватно-поетски релации („Сите ние поетите сме едно големо семејство! Посебно оние коишто се занимаваат со човекови права“), така што тие, преку Европа и Шпанија, стигнале до Доминиканската Република и до глобалната координаторка Урибе. Дополнува дека минатата година го стокмиле првото издание на „Крик на жената“ кај нас и дека тие на тој начин на пиедестал ги издигаат правата на жените.

„Со самиот Фестивал се крева свеста во јавноста за потребите за изолирање на родово базираното насилство, за родовата рамноправност, за јакнење на самодовербата и почитта кај жените, а посебно за подигање на гласот против насилството врз жената во општеството“ вели Доцевска.

Пренџова, пак, додава дека целта на „Крик на жената“ е преку уметноста да се подигне свеста за интеграција на жените во општеството и да се намали, да се искорени, родово-базираното насилство и сите оние стереотипи и предрасуди коишто се родово одредени и коишто се насочени кон жената.

„Фестивалот не е активистички, туку е пред сè уметнички и затоа ги повикуваме сите коишто сакаат да земат активно учество, не само овојпат, туку и во следната година, дека можат да се пријават кај нас како организаторки и ги повикуваме сите оние, без разлика на полот, да дојдат на случувањата и да ја следат нашата програма“, потсетува поетесата и слемерка Елена Пренџова.

„Крик на жената 2017“, како во светот така и во Република Македонија, се одржува и е организиран со голема несебичност и волонтерска и алтруистичка поддршка и солидарност на истакнати јавни и приватни организации, уметници и литературни дејци. Од таму нималку не чуди кога и Доцевска и Пренџова истакнуваат дека и лани и годинава наишле на силна подршка во реализацијата на Фестивалот.

„Се надеваме дека следната година уште посилна поддршка ќе имаме и дека сето ова ќе се крене на уште повисоко ниво. А овојпат зад себе како подржувачи ги имавме Фондацијата „Елена Лука“, „Фешнл“ , МКЦ и Клуб ресторан МКЦ, уметничкото студио „Фантаст“, да не говорам за Цивил – Центар за слобода, Будност.мк, Македонската платформа против сиромаштија - МППС, Tурското здружение „Нова ѕвезда“, здруженијата за правата на жените ХЕРА и ЕСЕ... Сите тие сесрдно ни помогнаа за да го постигнеме ефектот којшто се очекува од самиот Фестивал“, појаснува Оливера Доцевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG