Достапни линкови

Собраниска игра на нерви


Седница на Собранието на Република Македонија
Седница на Собранието на Република Македонија

Пријавените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и постојаните меѓусебни реплицирања најавуваат дека продолжението на конститутивната седница може да трае со денови. СДСМ прави обид да ја деблокира работата преку предлог за избор на претседател на Собранието со дваесет пратеници.

СДСМ денеска со потписи од 20 пратеници за претседател на Собранието го предложи Талат Џафери од ДУИ, соопшти портпаролот на социјалдемократите Петре Шилегов. До ова дојде откако уште од почетокот на продолжението на конститутивната седница стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ преку говори и реплики ќе се обидува да го одолговлекува изборот на комисијата за избори и именувања. Со тоа всушност се одолговлекува и целата процедура за избор на собраниски спикер која е следна точка на дневен ред.

Ние како парламентарно мнозинство ќе ја преземеме одговорноста и нема да дозволиме понатамошно блокирање на работата на Собранието, рече Шилегов, најавувајќи дека во следните денови ќе ги искористеле сите законски можности да се деблокирала работата.

„Работата на комисијата за избори и именувања сега станува беспредметна бидејќи таа нема никаква улога во овој момент во Собранието. Во овој момент единствената улога беше на Собранието да му предложи кандидат за претседател“, рече Шилегов.

Легитимен е предлогот на СДСМ, но тоа не го ускратува правото на комисијата за избори и именувања или пак на други 20 пратеници, да предложат свои кандидати за претседател на Собранието, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, не навестувајќи забрзување на работата.

„Сега мора да продолжи третата точка на седницата на Собрание и по сите правила оваа точка мора да биде завршена, па да се премине на друга“, рече Димовски.

За точката, пак, која сега е на ред, изборот на членовите на комисијата, уште напладне стана јасно дека ќе трае маратонски откако речиси сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се пријавија за збор. Прв излезе пратеникот Антонијо Милошоски кој побара кандидатот за претседател да биде од редовите на нивната партија па потоа следеа реплики од неговите сопартијци на кои тој неуморно им возвраќаше.

Во неговиот и во говорите на другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ доминираа ставовите дека тие се победничката партија, дека граѓаните на улица се незадоволни и дека не смее да се прифати како што велат платформата од Тирана која водела кон отворање на пандорината кутија. Не се фаќајте како за сламка за таканаречени странски платформи, реплицираше до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Џеват Адеми од ДУИ.

„Таа декларација е домашен, локален продукт, одлука на граѓанинот Албанец. Ќе ве потсетам да ги погледнете официјалните програми на неколку влади на Република Македонија и во 80 проценти ќе најдете елементи од декларацијата на партиите на Албанците“, рече Адеми.

И додека за СДСМ меѓусебните реплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се кршење на деловникот на Собранието, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е демократско право.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG