Достапни линкови

Белата куќа: Нема докази за врски со Москва


Белата куќа: нема докази за врски на тимот на Трамп со Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Белата куќа: нема докази за врски на тимот на трамп со Москва

Ништо не се смени и нема никаков доказ, наведуваат од Белата куќа по потврдата на ФБИ дека била покрената истрага за можната соработка на членови на изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп со Русија. Директорот на ФБИ Џејмс Коми во Конгресот изјави дека се испитува наводната руска вмешаност во претседателските избори.

Од Белата куќа е наведено дека и високи разузнавачки претставници под администрацијата на Барак Обама официјално потврдиле дека не постоел никаков доказ во врска со ова прашање.

Претходно во Комитетот за разузнавачка дејност на Претставничкиот дом на Конгресот директорот на ФБИ Џејмс Коми за прв пат официјално потврди дека таа служба ја испитува наводната руска вмешаност во американските претседателски избори, вклучувајќи ја и можната поврзаност на соработниците на претседателот Трамп со Москва.

„Јас сум овластен од страна на Министерството за правда да потврдам дека ФБИ, како дел од нашата контраразузнавачка мисија, ги испитува напорите на руската влада да се меша во претседателските избори во 2016 година. И тоа вклучува испитување на природата на врските помеѓу лица поврзани со кампањата на Трамп ируската влада и дали има некаква координација меѓу кампањата и напорите на Русија“, вели тој.

Коми додаде дека истрагата е многу комплексна и оти не може да каже кога таа би била завршена.

Коми исто така рече дека ФБИ и Министерството за правда немаат информации со кои би се поткрепиле обвинувањата од страна на претседателот Трамп дека бил шпиониран од поранешната администрација на претседателот Барак Обама.

Според Коми, ниту еден поединец, па ни претседателот,не може да нареди шпионирање американци, додавајќи дека судот дава одобрување за прислушување по строга процедура.

Трамп предизвика многубројни реакции во почетокот на месецов со обвинувањето дека Обама наредил да бидат прислушувани неговите телефонски линии. Обама преку неговиот портпарол веднаш ги демантира ваквите наводи.

Инаку, повеќето приврзаници на претседателот Доналд Трамп кој учествуваше на митингот во Кентаки велат дека се сомневаат оти директорот на ФБИ Џејмс Коми бил способен да спроведе независна истрага за можните врски меѓу претседателската кампања на Трамп и Москва.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG