Достапни линкови

Хан нема да се сретне со претставници на "За заедничка Македонија"


Илустрација-Борис Дамовски и Богдан Илиевски, претставници на иницијативата "За заедничка Македонија"

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, утре нема да се сретне со претставниците на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои ги предводат протестите што изминатите денови се случуваат во земјата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова денеска го соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, потврдувајќи дека Хан добил понуди и за други средби, но дека тој и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, утре во Скопје ќе се сретнат само со претставниците на македонските политички партии.

"Како што веќе реков во петокот, Хан ќе се сретне со политичките претставници. Вистина е дека има и други барања и често кога тој патува во земјата, ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со такви од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе", истакна Коцијанчич.

Еден од предводниците на иницијативата "За заедничка Македонија" Игор Дурловски, вчера побара нивни претставници да се сретнат со еврокомесарот и тројцата пратеници од Европскиот парламент. Иницијативата за утре повикува на масовен собир за како што пишуваат "да не видат убаво и да го запомнат денот кога дошле во Македонија".

XS
SM
MD
LG