Достапни линкови

Пепелта од РЕК го загадува воздухот околу Битола


Депонијата на пепел е на границата да стане депонија на радиоактивен отпад, покажало истражувањето за загаденоста на воздухот околу РЕК. Ваквата загаденост предизвикува сериозни болест кај луѓето.

Пепелта која се депонира на отворено во РЕК Битола го загадува воздухот со тешки метали и радиоактивни елементи. До ваков заклучок дојдоа експертите од Биотехничкиот факултет од Битола и Природномaтeматичкиот факултет од Скопје, вклучени во истражувањето „ТЕРА МЕД“ за загаденоста на воздухот околу РЕК.

Професорот Трајче Стафилов, вели дека воздухот е загаден со честички од тешки метали кои ветерот ги разнесува во околината од депонијата со пепел.

„Резултатите покажаа дела во околината на РЕК Битола и во еден поголем простор до градот имаме изложеност на цврсти честички кои имаат зголемена концентрација на тешки метали како хром, никел, арсен, кадмиум, бакар и цинк, зашто во самата пепел депонирана во РЕК концентрацијата на овие тешки метали е повисока. Се депонира на отворено пепелта и таа се разнесува со струењето на ветерот“, вели Стафилов.

Тој додава дека депонијата на пепелта е на границата да стане депонија на радиоактивен отпад.

„Она што загрижува е зголемената радиоактивност на оваа пепел. Тоа е познато дека при горење на лигнит пепелта која се добива од согорувањето има зголемена радиоактивност. Ураниум 238, ториум, радиум 222, три до пет пати е поголема радиоактивноста на овие радиоизотопи во пепелта во однос на оваа во почвите. Според правилникот за радиоактивен отпад на РМ, индексот на радијација е блиску до оној кој е максимално дозволен, прашање е дали ќе ја дефинираме оваа депонија како депонија на радиоактивен отпад или не“, вели Стафилов.

Професорот препорачува дека е неопходно да се преземат мерки за спречување на дисперзија на овие честички во воздухот.

„Дали со покривање или пак на други начини да се спречи оваа прашина да се разнесува во воздухот, градот Битола и околните населени места зашто овие честички се толку фини што лесно се внесуваат во организмот“, вели Стафилов.

Ваквата загаденост предизвикува сериозни болести кај луѓето, вели Невена Смилевска од невладината организација „Еко свест“.

„Во сите проби се надминати дозволените концентрации на тешки метали и радиоактивни елементи кои предизвикуваат разни заболувања кај човекот рак на бели дробови, рак на желудник, оштетувања на нервниот систем, анемија, кардиоваскуларни проблеми и друго“, вели Смилевска.

Од РЕК досега во повеќе наврати истакнале дека се насочени кон зачувување и унапредување на животната средина. Велат дека „со реализацијата на проектот за модернизација на котлите на два блока на термоелектраната остварено е намалување на нивото на штетните емисии на азотни оксиди според европските директиви.“ Од Комбинатот додаваат дека редовно ги одржуваат електростатските филтри, а поволната ружа на ветрови спречува штетните влијанија врз Битола и околината. Според ова, мерењата што тие ги вршат за квалитетот на амбиенталниот воздух покажуваат вредности кои се во рамките на дозволените граници.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG