Достапни линкови

Турскиот референдум ги подели турците во Германија


Претстојниот референдум во Турција за зголемување на моќта на претседателот Реџеп Таип Ердоган предизвика длабоки поделби меѓу турската заедница во Германија. Најновите тензии меѓу Анкара и Берлин пак ја обновија дебатата за интеграцијата на три милиони турци во Германија.

Турција и Германија се најдоа во голема расправија откако Берлин забрани неколку планирани собири на турски министри пред 16 април кога треба да се одржи референдумот за уставни промени со кои во земјата се воведува претседателски наместо сегашниот парламентарен систем.

Германија ги забрани собирите поради безбедносни причини. Тензиите се преселија и на германските улици.

Во Франкфурт турски иселеници пропагираат турците да гласаат негативно.

Тие раздаваат флаери, додека други турци им извикуваат дека го поддржуваат Ердоган.

Од турската заедница во Германија има и жалби дека ваквите политички расправии ги бркаат германските потрошувачи. Еден од нив вели:

„Неодамнешната дебата имаше огромен ефект врз нас. Вчера еден дојде и почна да ни вика. Ние не се сме одговорни за политиката. Ние живееме тука, ние работиме тука, ние плаќаме данок тука. Ние сме повеќе германци од турци“.

Шукран Чивелек вели дека нејзиното семејство било поделено околу референдумот, но оти сега тоа не било така:

„Ние како семејство имавме различни мислења за референдумот, но последниот развој во Европа и фактот што ние турците се уште не сме прифатени во Германија го смени мојот поглед. За мене тука не станува збор за Ердоган, туку за Турција“.

Кемал Туран, издавач на локален весник на Курдите во Франкфурт оценува дека ескалацијата на дипломатските расправии се заканува од поделби меѓу турците и турските курди во Германија.

„Моето страхување е дека ќе бидеме поделени во иднина. Во моментов, нема поделби меѓу курдите и турците во Германија, живееме заедно во исто соседство“.

Околу милион и 400 илјади турци во Германија имаат право на глас на референдумот. Тоа е најмногу од која било друга земја во Европа и кампањата да се добијат нивните гласови е тест за оваа најголема имигрантска заедница во таа земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG