Достапни линкови

„Огледала“ на Јовановска – документ за состојбата на човековиот дух


„Огледала“ е новиот проект на уметницата Ана Јовановска

„Огледала“ е новиот проект на уметницата Ана Јовановска

„Огледала“ е насловен новиот локален и партиципативен проект на уметницата Ана Јовановска чија цел не е само „документирање на запоставените и руинирани делови на градот Куманово, туку и руинираната, валкана, незагрижена состојба на човековиот дух“.

Не многу по заокружувањето на „Буквата за себе и човекот“, изложбата со којшто се обиде да направи паралела во општеството во коешто живее преку структурата на јазикот, уметницата Ана Јовановска еве ја со нов зафат насловен како „Огледала“. Станува збор за подолгорочен локален и партиципативен проект чија цел е, како што вели, не е само „документирање на запоставените и руинирани делови на градот Куманово, туку и руинираната, валкана, незагрижена состојба на човековиот дух“.

За таа цел креирана е онлајн фототека со авторски документирани фотографии од градот Куманово, направени исклучиво за потребите на овој проект кои ја бележат неговата моментална состојба – сурово и без намера за додавање на уметничка вредност. Тие ги отсликуваат сите грди, запоставени, руинирани, осквернавени, напуштени и незгрижени места на градот.

Фотографиите се ставени на интернет страничка со можност за симнување со што се бара од учесниците во проектот да одберат една од понудените со задача да ја едитираат во програмата „Paint“ на нивниот компјутер. Оваа програма е избрана поради нејзината достапност, едноставност за употреба и очигледноста на интервенцијата, а доброволните учесници во проектот се замолуваат да интервенираат со слоганот: „Дополни, додај, пречкртај, прецртај... разубави го Куманово!“. Конечно, едитираната фотографија се испраќа назад до авторот на проектот, кој двете дела ги спојува како едно, пред и по интервенцијата.

Идејава за проектот е не толку идеја колку што ја сметам за потреба. Нешто што треба да се прикаже и да се покаже и, со оглед на тоа дека овде станува збор за проект со учество, сметам дека секој свесен граѓанин на еден град да учествува во него и да ја покаже својата заложба за ликот на урбаната средина во која што живее – истакнува Јовановска.

Сепак, како што вели таа, иако станува збор за проект кој допрва треба да заживее и да се развива, засега многу тешко се одвива пожелуваната интеракција со граѓаните.

„Не се одвива се* преку и-меил и телефони туку некои денови излегувам надвор на Плоштад за да бркам луѓе и да им објаснам за што станува збор во проектот, која е неговата цел...дека во основа е наменет за подигање на свеста на граѓаните. Се покажа како исклучително тешко, меѓутоа можеби и така треба. За да има влијание ваквиот потфат веројатно треба да се помине некаков потежок пат“ потенцира уметницата.

Јовановска е децидна дека целта на проектот не е само документирање на запоставените и руинирани делови на нивниот заеднички дом наречен Куманово, како и на било кој друг град во земјава, туку и отворено да се проговори за руинираната, валкана, незагрижена состојба на човековиот дух. Од таму правејќи го очигледното видливо од окотото на авторката, преку окото на објективот на фотоапаратот до окото на граѓанинот-уметник, всушност „Огледала“ постои како огледало на физичкото и психичкото во сите нас.

Со тоа „разубавување“ граѓанинот да ја покаже својата свесност во каков град живееме и битисуваме и уште повеќе како него го третираме. Не е само и единствено за подигање на некоја еко-свест туку и за укажување на веќе видливо нешто. За документирање на состојбата на човековиот дух на некој начин. Затоа што ние нели го правиме тој град во којшто живееме.

Инаку, Ана паралелно работи на своите две нови изложби што би требало да се обистинат во класичните галериски простори во текот на оваа година, а за „Огледала“ како о-нлајн постановка во перспектива си пожелува да ја види во некој јавен простор затоа што смета „дека на тој начин уште повеќе ќе се доближи до обичниот граѓанин“.

И, колку за потсетување - Ана Јовановска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за графика и графички дизајн.

На уметничката сцена е присутна од 2007 година и досега самостојно освен во Скопје и во Врање, соседна Србија, се претставувала и во Кан, Франција. Учесник е на повеќе од 60-на групни постановки во земјите од регионов, низ Европа и во Мексико, Аргентина, Колумбија и САД. Посебно бележити се нејзините пројави на XI Биенале на млади, во Националната галерија на Македонија во објекот Мала станица, на Привремената духовна ремедијација и во рамките на Скопско лето со инсталацијата „Скопје, јас и ти“.

Згора на тоа Јовановска со свое дело е присутна и во колекцијата Imago Mundi, авторка е на некомерцијалната книга Collection of False Memories и е една од петте номинирани за наградата Млад уметник на годината „Денес“ во 2016 година.

Таа е добитничка и на наградата за најдобра графика „Драгутин Аврамовски-Гуте“ што ја доделува ДЛУМ и на Гранд при на VIII-от Младински пролетен салон.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG