Достапни линкови

Донев: Си играме фудбал со римското „раздели па владеј“


Живееме во квазидемократија со искривени вредности. Во услови на поделеност на општеството каде парадоксално пред 25 години се боревме за слобода, па не знавме што со неа, криминогени структури може да ви пропишуваат какви сакаат вредности, од трето дете, до седмо колено, од перфектно здравство.. вели во интервју за Радио Слободна Европа универзитетскиот професор Дејан Донев.

Професоре Донев, да зборуваме за поделеноста на општеството на сите нивоа. Последиците ги чувствуваме насекаде околу нас. Во обичен разговор меѓу две тетки во маалското дуќанче, помеѓу колеги на работа, помеѓу пријатели во кафеана. Што ни зборува таквата поделеност и колку таа може да биде опасна?

Де факто таа може да биде опасна затоа што се работи за поделеност, а не за сплотеност. Идејата на човечкиот живот е да живее заедно, не одвоено. Таа е социјално суштество кое мора да има со кој да комуницира, така што тој облик на поделеност кој го чувствуваме насекаде и во однос на секого е опасна работа. Убави илустрации дадовте, само го заборавивте најважниот каде што сопругата е во една партија, а мажот е во друга. Што заради користољубието, па се до децата каде што едниот вели гласај за овој поради екстерно или во однос на другиот.

Во секој случај таквата поделеност укажува на една страшна работа. Таа е последица на нешто, а ние треба да ги бараме причините. Каде е недостатокот во сето ова? Ние сме општество во кое парадоксално пред 25 години се тепавме да бидеме самостојни, слободата ја издвојувавме и што сега со неа? Штом не знаете што со слободата, вие фактички напуштате еден систем со вредности , а со нов не доаѓате. Поделеноста е директно резултат на немањето на таа аксиолошка скала, која пред која вредност, која е основната, а која врвната.

Во такви услови криминогени структури може да ви пропишуваат какви сакаат вредности и да ви ги наложуваат: од трето дете, до седмо колено, од перфектно здравство...значи сите можете тогаш да ги извадите како вредности и од нив да направите норми затоа што и онака живеете во еден хаотичен свет во којшто не се знае што е што односно ништо не е на свое место.

Ние станавме мајстори во релативизацијата. Да, ние сме такви, но и вие не бевте поинакви... Значи се се релативизира. Во тој систем на искривени вредности, можно ли е да се вратиме на вистинскиот пат?

Многу едноставно е враќањето на вистинскиот пат. Ако пред 20 и кусур години се тепавте да имате слобода, што значи напуштате социјалистички систем и влегувате со желба за ново општество демократија итн. Тогаш на тацна ви е сервирано. Без Кант и без Аристотел нема демократија, нема граѓанско општество тие се татковци на граѓанската етика и морал и кај нив има вредности.

Едноставно требаше да се превземат, културолошки да се адаптираат кај нас и да тргне работата на позитивно нешто. Кај нас, прво кој слушнал кој не слушнал, од оној што слушнал пола од нив не разбрале, а на крајот третата категорија вели ова е тешко, па зошто сега кога можат другите, зошто да не го правам тоа и таквата релативизација се користи насекаде, во сите сегменти и „нормално“ е да се практикува.

Зошто? Затоа што вие дома можете да го учите вашето дете на она што е добро, согласно вредносните ориентири кои ги знаеме и така го воспитувате. Кога ќе излезе на улица, тотален хаос и тој вели или сум јас будала или ти. Ти не знаеш мене што ми зборуваш, а јас би бил будала ако почнам да го применувам тоа на кое ти ме учиш, затоа што светот надвор не кореспондира со тоа на што ти ме учиш. И најголемиот проблем се чини кај нас е тој.

Имам чувство дека луѓето се нетолерантни кон различното мислење. Не само што не го прифаќаат, туку не сакаат ниту да го слушнат. Тоа оди до степен на говор на омраза, кој често се користи на социјалните мрежи. Каде е границата меѓу слободата на говор и говорот на омраза?

Станавме нетолерантни, а можевме и бевме многу толерантни. Ако западот последните дваесетина години ни држеше лекции за мултикултурално општеството, ние можевме од претходно да му држиме нему. Затоа што кај нас не е проблем со Турците, Србите Ромите и останатите. Кај нас секогаш е проблемот Македонците и Албанците. И тука е секогаш подгревање на вчерашниот ручек. Секогаш е тука, може да прокрчка, пласирај го и он ќе го направи своето. Но, време е да се свестиме дека тоа не може така да функционира.

До тој степен имаме небулози...Сега еве имаме протести на кои се протестира против некоја си „Тиранска платформа“, декларација, а притоа велат, ние не ве мразиме вас. Чекајте, ако вие некому му кажете јас сум против таа платформа и јасно кажувате дека тој не смее да учи на свој јазик, не смее ова, не смее она, како тој да седи со вас, да живее со вас. Тоа е лицемерие.

А, можевме да бидеме толерантни и бевме затоа што Балканот е познат како место на разумот и дијалогот. И сега како тоа наеднаш исчезна? Многу едноставно. Преземете го римското „раздели па владеј“, само што тоа најчесто се користи помеѓу непријатели надвор од територијата на која живеете. А ние сега на домашен терен фудбал си играме со тоа, што е погубно! Не можеш така да ги гледаш работите затоа што најмалку 100 години си живеел со тие луѓе, сте пиеле кафе и како од утре ќе излезеш и ќе му кажеш, комшија прости ми ама од денес јас и ти нема да се дружиме. Зошто? Затоа што ти си Албанец, јас Македонец. Секој за своето. Или ќе правиме етнички чисти средини.

Тоа не е можно, никаде тоа во светот го нема. Идејата е како на предизвикот да одговорите и да се носите со него. А за соживотот сите декларативно зборуваат, но во праксата не е така. Слободата на говорот во таа смисла да, ама кога зборувате за факти и со факти, кога е тоа вистинито, ама кога се обидувате да пласирате дезинформации да искривувате мислења, логично е дека ќе се јави говор на омраза. А, во еден говор на омраза последиците се повеќе од кобни, не само за поединецот туку и за целото општество. Нас ќе ни бидат потребни минимум десет години за да се рехабилитираме ментално од тоа што сега ни се случува.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG