Достапни линкови

Предлог буџетот на Трамп под критики


Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да го намали финансирањето на Стејт департментот и странската помош за речиси една третина предизвика негодување во земјата и странство. Иако републиканците ги контролираат двата дома на Конгресот, предлогот на Трамп веќе се соочи со отпор и кај нив.

Во првиот негов предлог буџет, претседателот Трамп предвидува голема промена во трошоците при што се кратат многу програми во корист на заголемувањето на финансирањето за војската, како и за изградба на ѕидот на границата со Мексико.

„Буџетот кој ја става Америка на прво место, мора да ја има безбедноста на нашиот народ како приоритет број еден, бидејќи без безбедност, нема напредок“, наведува Трамп во пораката за предлог буџетот.

Зголемувањето од 54 милијарди долари за војската е најголемо од времето на претседателот Роналд Реган.

Елис Ривлин од Брукингс институтот и екс директор на претседателската Кенцеларија за буџет вели:

„Тоа е прилично драстичен буџет. Помалку изгледа на буџетот на Реган во 1981 година. Но, е многу подрастичен од тогаш“.

Парите ќе одат за изградба на бродови и авиони и за подготвеност на силите во борбата против милитантите на Исламската држава.

Дел од парите за војската ќе бидат добиени и со кратење на помошта за странство и за некои домашни агенции главно за заштита на животната средина.

На Стејт департментот чии средства според предлогот се кратат за 29 насто и на УСАИД им е упатен повик да се реорганизираат и консолидираат.

Државниот секретар Рекс Тилерсон изјави дека е подготвен да го стори тоа со оглед на фактот што претходните трошоци едноставно биле неодржливи.

Се намалуваат и средствата што Вашингтон ги плаќа за Обединетите нации, а американскиот придонес во мировните мисии се ограничува на 25 насто.

Директорот за човекови права при Обединетите нации Луј Шарбоне предупредува дека ова може да доведе до зголемување на нестабилноста во светот.

„Човековите права се на удар низ светот. Го гледаме тоа. Го гледаме порастот на национализмот и популизмот и многу е битно за Обединетите нации да бидат таму за да ги заштитат обичните луѓе насекаде во светот“.

Шарбоне го повикува Конгресот да го задржи финансирањето на Обединетите нации.

Токму Конгресот е тој ќе треба да го усвои предложениот буџет, а таму, според изјавите и на републиканците на Трамп и на неговите опоненти од Демократската партија, тој ќе наиде на голем отпор.

Како и да е иако дискусијата во двата дома на Конгресот би можела да потрае и неколку месеци, претседателот Трамп е оној што ги постави условите на таа дебата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG