Достапни линкови

СДСМ со иницијатива за собраниска седница, Вељаноски на потег


Архивска фотографија-седница на собранието на Република Македонија

СДСМ заедно со партиите што им дадоа потписи односно 67 пратеници поднесува иницијатива за продолжување на конститутивната седница на парламентот. Од кабинетот на досегашниот спикер Трајко Вељаноски велат дека нема рок кога таа треба да се свика.

СДСМ заедно со другите партии што дадоа потписи за Зоран Заев да го побара мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, поднесува иницијатива до Собранието за продолжување на конститутивната седница на парламентот, потврдуваат од СДСМ. Иницијативата се поднесува до претседателот на парламентот во заминување Трајко Вељаноски, кој потоа треба да свика координација и да ја закаже седницата, за која како што велат од собраниските служби, нема рок. Нивното објаснување за тоа е дека не се работи за нова седница туку за продолжување на веќе започнатата.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември и тогаш само беа верифицирани мандатите на пратениците. Останува да се избере претседател на собранието кој се очекува да биде од редовите на ДУИ.

Во меѓувреме, иако се уште не е официјално потврдено во Скопје во вторник повторно е можно да допатува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во обид да го забрза процесот на наоѓање решение. Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири работите со собранието ќе се одложат до доаѓањето на еврокомесарот.

„Мислам дека ќе се чека Хан за тоа да изгледа во јавноста дека сепак не е некое попуштање од ВМРО-ДПМНЕ туку договор кој бил постигнат со посредство на Европската унија“ вели Незири.

Според него, собранието треба веднаш да ги распише и локалните избори за што ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, има интерес.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, во моментов е во дводневна посета на Азербејџан каде што учествува на петтиот глобален форум во Баку. Во меѓувреме не стивнуваат реакциите од меѓународните претставници во кои тој се повикува да ја смени одлуката и да го додели мандатот на партиите што имаат мнозинство. Зборувајќи генерално за Западниот Балкан претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер изјави дека регионот е најкомпликуваниот во Европа и ја повика Европската унија да му го посвети на регионот вниманието кое му е потребно.

Незири смета дека без разлика што Иванов досега не реагираше на препораките на меѓународниот фактор се уште имаат механизми да влијаат.

„Би било многу поразително за државата ако би се примениле санкции, црни листи. Според мене тоа би било следен чекор“ вели Незири.

Хан беше тука минатиот месец а по средбите со партиските претставници изјави дека секогаш е оптимист но дека било очигледно оти на партиите им било потребно уште време. Но по одлуката на претседателот Иванов да не го дава мандатот реагираше наведувајќи дека сите лидери, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори и дека во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено.

Со слични позиции се огласија и САД, а американскиот амбасадор Џес Бејли вчера рече дека сметаат оти одлуката на Иванов не беше правилна и дека се надеваат оти ќе ја преиспита.

Состанокот во Тирана како непримерен и вреден за осуда го оцени известувачот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл. Тој сепак нагласи дека тоа не е доволно голема причина за да не се создаде владата и да се продлабочуваат меѓуетничките конфликти.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG