Достапни линкови

Собраниската седница го чека меѓународниот фактор


Архивска фотографија-Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во Скопје,10.02.2017.

Архивска фотографија-Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во Скопје,10.02.2017.

Засега нема конкретни најави за тоа кога ќе се побара од претседателот на собранието Трајко Вељаноски да свика седница. Аналитичарите прогнозираат дека и за тоа ќе се чека еврокомесарот Јоханес Хан кој во Скопје би требало да пристигне наредната недела.

Се уште нема никакви конкретни најави кога партиите што ги дадоа 67-те пратенички потписи ќе побараат свикување на собраниска седница. И денеска од СДСМ велат дека во тек се консултациите со партиите што ги дадоа потписите за мандат за формирање на новата Влада и дека кога ќе имале зрела ситуација ќе соопштеле на јавноста. Според потпретседателот на ДУИ Изет Меџити пак, оваа недела ќе биде свикан парламентот. Првиот човек на Беса Биљаљ Касами вчера, по средбата со претседателот на СДСМ Зоран Заев, не даде конкретни детали, наведувајќи дека се зборувало за деблокирање на институциите и повторно враќање на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ интеграциите.

Ќе се чека Хан

Во меѓувреме, како што јавија медиумите, во Скопје во вторник повторно ќе допатува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во обид да го забрза процесот на наоѓање решение. Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, работите со свикување на собранието ќе се одложат до доаѓањето на еврокомесарот.

„Мислам дека ќе се чека Хан за тоа да изгледа во јавноста дека сепак не е некое попуштање од ВМРО-ДПМНЕ, туку договор кој бил постигнат со посредство на Европската унија“ вели Незири.

Според него, собранието треба веднаш да ги распише и локалните избори за што ВМРО-ДПМНЕ како што вели има интерес. За тоа, смета тој, ќе омекнат најавите од демонстрантите дека ќе го блокираат собранието.

Не стивнуваат реакциите за одлуката на Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов во моментов е во дводневна посета на Азербејџан каде што учествува на Глобален форум во Баку. Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од меѓународните претставници во кои тој се повикува да ја смени одлуката и да им го додели мандатот на партиите што имаат мнозинство. Зборувајќи генерално за Западниот Балкан претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер изјави дека регионот е најкомпликуваниот во Европа и ја повика Европската унија на регионот да му посвети внимание кое му е потребно.

Незири смета дека без разлика што Иванов досега не реагираше на препораките на меѓународниот фактор се уште имаат механизми да влијаат.

„Би било многу поразително за државата ако би се примениле санкции, црни листи. Според мене, тоа би било следен чекор“ вели Незири.

Хан беше во Скопје во минатиот месец, а по средбите со партиските претставници изјави дека секогаш е оптимист, но дека било очигледно оти на партиите им било потребно уште време. Сепак, по одлуката на претседателот Иванов да не го дава мандатот реагираше, наведувајќи дека сите лидери, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори и дека во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено.

Со слични позиции се огласија и САД, а американскиот амбасадор Џес Бејли вчера рече дека сметаат оти одлуката на Иванов не беше правилна и оти се надеваат дека ќе ја преиспита. Состанокот во Тирана како непримерен и вреден за осуда го оцени известувачот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл. Тој сепак нагласи дека тоа не е доволно голема причина за да не се создаде владата и да се продлабочуваат меѓуетничките конфликти.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG