Достапни линкови

ЕУ со план за обнова на Сирија по војната


Европската унија обелодени план за помош на со војна зафатената Сирија во пресрет на шестата годишнина од протестите против претседателот Башар ал Асад кои беа вовед за почеток на војната. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини спомна неколку предлози од деминирање до организирање избори.

Говорејќи пред најавената конференција во Брисел на 5 идниот месец, посветена на Сирија, Могерини изрази надеж дека мировните преговори во Казахстан, комбинирани со иницијативата на Европската унија, би можело да ги обноват средбите меѓу завојуваните страни во Женава под покровителство на Обединетите нации.

„Премногу пати меѓународната заедница не беше подготвена за пост конфликтниот период на време. Овој пат сакаме да бидеме подготвени“, изјави Могерини, додавајќи:

„Во ова ќе биде вклучена Сирија, Сиријците, но секако и остатокот од регионот, особено соседните земји“.

Според неа, Европската унија е целосно подготвена до стапи во акција откако ќе почне, како што рече, „вистинската политичка транзиција“ на режимот на Асад.

Унијата е најголемиот донатор на Сирија со скоро девет ипол милијарди евра за хуманитарна помош и економска поддршка од 2011 година. Унијата нема никаква воена улога во конфликтот.

Во меѓувреме, преговорите во Казахстан што ги спомна Могерини се одвиваат без учество на претставници на опозицијата во Сирија што остава малку надеж дека тие би биле и успешни. И претходните две рунди преговори таму завршија без напредок.

Во шестгодишната војна во Сирија која почна со растурањето на антивладините протести на 15 март 2011 година, според проценките, загинале над 300 илјади луѓе, додека милиони други ги напуштиле нивните домови.

Претставници на Обединетите нации оценуваат дека војната во Сирија е најголемата светска катастрофа предизвикана од човекот од Втората светска војна. Затоа, тие инсистираат на политички дијалог.

Шефот на истражната Комисија на Светската организација Паоло Пињеиро изјави:

„Ова е единствен начин за крај на конфликтот. Го повторуваме тоа во изминативе шест години за да запре страдањето на сириските мажи, жени и деца. И тоа важи за сите страни, сите завојувани страни, да седнат на маса и да се вклучат во вистински конструктивен политички дијалог“.

Сириската војна продолжува главно и поради неуспехот на меѓународната заедница да се согласи како да ја заврши со оглед на тоа што Соединетите држави и Русија, како и нивните регионални сојузници, ги поддржуваат ривалските страни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG