Достапни линкови

Коѕиас и Тилерсон разговарале и за нестабилноста на Балканот


Средба Коѕиас-Тилерсон во Стејт Департментот

Средба Коѕиас-Тилерсон во Стејт Департментот

Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас пред неговиот американски колега Рекс Тилерсон говорел за проблематичната ситуација во Македонија и грчкиот обид да се помогне да се стабилизира државата. Коѕиас по неговата вчерашна средба со Тилерсон во Стејт Департментот истакна дека го искористил разговорот за безбедноста на балканскиот регион, да го покрене и прашањето за нестабилноста која владее во Македонија.

„За Скопје не разговаравме посебно, но кога ги објаснував прашањата за стабилноста во регионот, ја споменав и нестабилноста која постои кај нашите северни соседи и нашиот обид да ги стабилизираме“, истакна Коѕиас во изјавa за грчките новинари по средбата.

Според грчкиот министер, Тилерсон се интересирал за тоа кои се силите кои го дестабилизираат регионот.

Грчкиот министер се обидел да ја потенцира важноста на геостратешката позиција на Грција и како таа може да им биде корисна на САД.

На првата средба со новиот американски државен секретар, грчкиот министер говорел за улогата на Грција во Медитеранот и на Балканот и ги претставил грчките ставови како може да се подобри стабилноста и безбедноста во овие региони.

Според весникот „Катимерини“, Коѕиас пред Тилерсон отворил географска карта од Балканот и Медитеранот и ја прикажал позицијата на Грција како главен столб на стабилноста опкруженa со нестабилни региони. Тилерсон слушнал и за грчките иницијативи за интензивирање на комуникацијата и подобрување на врските со други држави, како иницијативата за четирилатералните средби меѓу Грција, Македонија, Бугарија и Албанија.

На средбата била потенцирана волјата на Грција и натаму да биде верен сојузник на САД и волјата за соработка со новата администрација на Доналд Трамп, а во фокус биле и активните енергетски проекти во кои е вклучена државата.

XS
SM
MD
LG