Достапни линкови

Иванов не го дава мандатот, кои се алтернативите?


Архива: Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.
Архива: Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

СДСМ и партиите на Албанците не одржуваат нови разговори по несогласувањата за некои прашања од владината програма на Заев. Од Кабинетот на претседателот Иванов велат дека пречките за определување мандат се уште не се отстранети.

Нема нови контакти и консултации меѓу СДСМ и партиите на Албанците во Македонија, откако деновиве во јавноста излегоа несогласувања и различни толкувања меѓу нивните претставници во однос на одредени прашања од заедничката владина програмата која ја објави лидерот на СДСМ Зоран Заев минатата недела, велат од СДСМ.

Нема ниту нови контакти со претседателот Ѓорге Иванов, информираат од СДСМ, но посочуваат дека медиумите погрешно го разбрале Заев во однос на рокот од десет дена за доделување на мандатот.

Од СДСМ потенцираат дека Заев рекол оти Иванов ќе има рок од десет дена да го додели мандатот, откако ќе биде избран нов претседател на Собранието.

Од Кабинетот на Иванов денеска соопштија дека претседателот останува на ставот од обраќањето на 1 март годинава, односно дека пречките за доделување на мандат не се отстранети.

Тогаш Иванов побара од Заев да ја отфрли платформата на Албанците, со која како што рече се доведуваат во прашање темелните државни интереси на Македонија и дека нема да определи мандат на оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија.

Од ДУИ денеска не дадоа одговори дали контактираат со СДСМ и со Иванов. Засега од партиите исто така нема најава кога ќе биде свикано Собранието каде би бил избрал негов претседател.

Од партиите БЕСА и Алијанса на Албанците велат дека најдобро решение е Собранието што побрзо да биде свикано, но оти тоа треба да го направи СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека го повикуваат Заев да ја отфрли, како што велат, платформата од Тирана и да ја прифати нивната понуда за поддршка на влада.

„Доколку, пак, Заев до таа мера е импресиониран од платформата од Тирана нека прифати парламентарни избори заедно со локалните во мај и нека излезе пред граѓаните со барањата од Тирана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во насока на тоа дали се можни промени во односите меѓу СДСМ и албанските партии по несогласувањата по објавувањето на програмата за влада, универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека станува збор за прашања (изгледот на парите и на униформите) за кои веројатно СДСМ нема да отстапи во наредниот период.

„Затоа што тие не се во согласност со Уставот, таму јасно е предвидено употребата на јазикот на локално ниво, нешто што реално ќе им донесе предност на граѓаните Албанци кога ќе се обраќаат кон институциите. Употребата на парите и нивниот изглед и униформата не е предност каква што тие можат да ја добијат во оваа ситуација и веројатно правилно процениле експертите на СДСМ дека Уставот би требало да се промени за да имаме двојазични униформи. Тие се определени со Законот за полиција кој е системски закон и со многу други подзаконски акти“, вели Дујовски.

Во однос на тоа кои се таканаречените планови Б или Ц доколку Иванов не го додели мандатот за формирање влада, Дујовски вели дека ако Иванов не се огласи, веројатно е сосема легитимно прво да се избере претседател на Собранието, јавноста да стане свесна за новото парламентарно мнозинство и потоа да се види какви чекори ќе преземат партиите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG