Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за економската програма на СДСМ ако се откаже од платформата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг, комбинирана фотографија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг, комбинирана фотографија

Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ Драган Тевдовски денеска на прес-конференција ја претстави, како што рече, економската програма за работа на влада, која за да се реализира е неопходно претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за составување влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Според Тевдовски, малите и средните претпријатија за отворање ново работно место ќе добиваат еднократна финансиска поддршка помеѓу 72.000 и 162.000 илјади денари, ако исплаќаат бруто плата повисока од просечната во минатата година во период од 12 месеци.Тој додаде дека се очекува преку активни мерки да се зголеми вработувањето во приватниот сектор за 16 илјади луѓе годишно.

„Во првата година на мандатот, минималната плата ќе се зголеми на 12 илјади денари и таа ќе важи и за индустријата за текстил, облека и кожа, рече Тевдовски, наведувајќи и дека ќе се воведуваат промени во даноците и социјалните трансфери паралелно со подобрувањето на ефикасноста на институциите, кај кои пак ќе се обезбедела целосна фискална транспарентност, “ изјави Тевдовски.

Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ најавија поддршка за презентираната економска програма на СДСМ доколку партијата се откажа од, како што велат, тиранската платформа. Членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Миновски изјави дека денешната презентирана економска програма е обид за дефокусирање на јавноста од прифаќањето на, како што вели, тиранската платформа.

„Познати се времињата на криминалната приватизација во која што најмалку 250.000 граѓани беа избркани од своите работни места. Познати се ветувањата и за секој вработен од едно семејство. Дури и ваквата економска програма на СДСМ ќе биде поддржана доколку одлучно се откаже од прифаќањето на тиранската платформа, којашто значи разнебитување на унитарниот карактер на Република Македонија,“ изјави на прес конференција Миноски.

XS
SM
MD
LG