Достапни линкови

СЈО: За одлуката за притвор за Кочан дознавме од медиумите


Специјалното јавно обвинителство во писмена реакција ги демантира тврдењата во јавноста и дел од медиумите дека информацијата за одредувањето мерка притвор за првоосомничениот Сеад Кочан во предметот „Труст“ ја добиле преку телефон од судијката која постапила по нивната жалба.

„За фактот дека е донесена одлука по жалбата на ова Јавно обвинителство и дека е изречена мерка притвор против осомничено лице во случајот “Труст” дознавме од медиумите. Во насока на проверка на информациите дали навистина е донесена судска одлука ја контактиравме судијата која претседаваше со Кривичниот совет и која не извести единствено дека е донесена одлука по жалбата и дека одлуката ќе ни биде дополнително доставена“, се вели во соопштението од СЈО објавено на нивната официјална интернет страница.

Претходно во дел од медиумите беше пренесена изјавата на поранешниот министер за правда од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски во која тој вели дека судијката од Кривичниот совет Гордана Спироска телефонски ја известила јавната обвинителка Катица Јанева за определениот притвор на осомничениот. Тој оценува дека нејзината постапка за одредување мерка притвор е незаконско и непрофесионално.

Кочан како сопстеник на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавна набавка.

Според последните информации, МВР распиша меѓународна потерница по Кочан. Неговата одбрана, адвокатот Никола Додовски достави писмена реакција до дел од медиумите во која истакнува дека неговиот клиент не е во бегство, туку е на службено патување.

XS
SM
MD
LG