Достапни линкови

МВР: Распишана е меѓународна потерница за Кочан


Архивска фотографија од Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО. обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.

Распишана е меѓународна потерница за приведување на првоосомничениот Сеад Кочан во предметот именуван како Труст на Специјалното јавно обвинителство, потврдуваат за Радио Слободна Европа од Министерството за внатрешни работи. Од таму велат дека вчера прво била распишаната потерница за приведување на ниво на Република Македонија, а неколку часа подоцна била распишана и меѓународната потерница. Оттаму не соопштуваат повеќе детали, односно дали имаат сознанија дека тој ја напуштил земјава.

Дел од македонските медиуми повикувајќи се на извори во истрагата објавуваат дека Кочан ја напуштил државата неколку часа пред да биде одобрена мерката притвор од Кривичниот совет, кој постапуваше по жалбата на СЈО за одлуката на судијката на претходна постапка која не дозволи таква мерка.

Инаку судот му одреди мерка притвор од 30 дена, но таквата наредба до полицијата патуваше 24 часа, по што полицијата ја започна потрагата по него.

Кочан како сопстеник на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавна набавка.

XS
SM
MD
LG