Достапни линкови

Груевски: Влада поддржана од албански партии ќе доведе до крај на Македонија


Создавањето на нова влада, поддржана од албанските партии ќе доведе до крај на македонската држава во сегашната форма и крие опасност за нов етнички конфликт на Балканот, е парафразирна изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за бугарската државна телевизија БТВ.

„Носењето на платформата на албанските партии е обид не само за редефинирање на државата, туку за репреговарање за Охридскиот договор од 2001 година. Тоа е опасна работа, тоа е отворање на Пандорината кутија. Во Македонија живеат повеќе етнички заедници кои можат да си побараат нешто ново, вклучително и Македонците, но тоа репреговарање е опасна работа. Тоа може да не врати во 2001 година – вели Груевски во изјавата која е емитувана.

На прашањето дали си го препознава својот глас во прислушуваните разговори кои пред две години ги објави опозицијата, Груевски го повтори ставот за тие материјали без да одговори на прашањето.

„Нашиот став став за ова прашање беше јасен – дека станува збор за креирани, монтирани материјали, употребени со цел да се уништи кредибилитетот на институциите и политичарите. Значи не се работи тука само за гласот, туку се работи за прашања што се поврзани со креирани, едитирани и монтирани материјали“, вели Груевски во интервју за БТВ кое се уште не е објавено в целост.

Според најавата на телевизијата, интервјуто е снимено синоќа, по протестниот марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во седиштето на партијата. Претходно во текот на вчерашниот ден на прес конференција излезе лидерот на СДСМ Зоран Заев кој ја презентираше програмата на, како што вели, новата Влада.

XS
SM
MD
LG