Достапни линкови

Неделници- Влада со мандат или без мандат


Протестен марш во организација на граѓанската иницијатива ,,За заедничка Македонија,,

Протестен марш во организација на граѓанската иницијатива ,,За заедничка Македонија,,

Фокус насловува „Пастирот во војна со Македонија“. Република пишува дека „ Државата ќе ја уриваат со влада без мандат “, а во Глобус ќе прочитате за двете алтернативи за излез од политичката криза.

Фокус – Пастирот во војна со Македонија

„Како ќе заврши: трагично, трауматично, трапаво, траљаво или традиционално?“ – прашува авторот на една редовна колумна во најновото издание на Фокус алудирајќи на Никола Груевски. И на читателите им предлага да одат во аналогија преку контраст на две превозни средства – трамвајот наспроти тракторот. Првото, вели, како елемент во урбаните европски средини (толку урбани, што во Македонија сè уште го нема трамвајот во употреба) би бил симболот на СДСМ и на политичките сили околу него, кои претендираат на урбано живеење, европски вредности, култура и толеранција, но и ограничен суверенитет, оти трамвајот оди по пруга и нема скршнување од таа зацртана траса. Тракторот, пак, вели потоа авторот на колумната во Фокус, би бил симболот на ВМРО-ДПМНЕ и на сите други конзервативни, антизападни сили од тој табор.

Тракторот е машина која служи за транспорт во средини каде што нема патишта, оти може да се извлече од почва во која трајно би се заглавило секое друго возило (баш како што Грујо ги преживеа бомбите), а, пак, другата намена, онаа главната на тракторот му е да ја изора земјата под него, да го скрши такаречи нејзиниот отпор за во неа да биде засадено семето од кое потоа ќе жнее, т.е. профитира некој, симболично ги претставува Фокус двете алтернативи пред кои се исправени Република Македонија и нејзините граѓани.

Република- Државата ќе ја уриваат со влада без мандат

„Државата ќе ја уриваат со влада без мандат“ е насловен текстот во Република во кој, како што пишува, „игнорирањето на барањата на 100 илјади граѓани кои протестираат против албанската платформа и пристапувањето кон некаков план ’Б‘ за формирање влада (без мандат од претседателот), која треба да ги спроведе точките од платформата“ ќе биле последните политички потези на Зоран Заев, кој, според Република, бил болен за власт.

За Република, „враќањето на демократијата“ и „расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“ биле само изговор, односно целата криза била само чистење на терен за исполнување на главната цел на сценаристите – разнебитување на Македонија.

Глобус- Разум

Глобус својата редовна колумна „Таленти“ во најновото он-лајн издание ја насловува: „Разум“ и дава две алтернативи кои би биле некакво решение во сегашнава политичка криза која со голема брзина забегува во заслепен национализам. Првата, Иванов да им даде мандат на партиите кои имаат мнозинство и барем еднаш, по толку години владеење да донесе државничка одлука.

Втората алтернатива би била партиите на Албанците привремено да ја замрзнат платформата и нејзиното остварување да го одложат за разумни времиња кога ќе може да се разговара со студени глави, со што врхушката на дпмнето, вели авторот, би останала без мотив да виси во воздух и би „треснала на земја заедно со забеганите националисти кои ги подбуцнува“.

Криминалната тајфа во врвот на дпмнето, обидувајќи се да ги скрие своите недела, поттикнува националистичка еуфорија, насочена против државата и народот, во кој се колне, а најнова небулозна и политички неписмена манипулација е за државен удар да се обвини опозицијата која не располага со ниту една полуга на присила и не може да ја узурпира власта.

„Замена на тези типична за таа партија која кршењето на Уставот со недавање мандат на партиите кои обезбедиле мнозинство изведе државен удар, а сега тоа ѝ го припишува на опозицијата. Во националистичката еуфорија, која лесно може да излезе од контрола, потребен е глас на разум. Каде што има национализам, по правило, нема разум. За жал“ - завршува песимистички колумната во Глобус.

XS
SM
MD
LG