Достапни линкови

„(Еу)ропа“ или како преку танцот да се освои слободата


Во Пошка театар, на кејот на реката Дрим во Струга, в сабота, на 11 март, во 20.30 часот, во продукција на Инсомнија, ќе се одржи интернационалниот танцов перформанс „(Еу)ропа“.

Замислен како еден од серијата настани од проектот „Струга креативен град“ на здружението Инка, кои патем се и во функција на промоција на петтото јубилејно издание на Фестивалот за независна култура „Дрим-Он“, оваа сабота, во Пошка театар, на кејот на реката Дрим, во продукција на Инсомнија, ќе се одржи интернационалниот танцов перформанс „(Еу)ропа“.

Станува збор за долгорочно уметничко истражување за облеката преку перформанс и медиуми. Притоа потписниците велат дека облеката нè покрива и прави да изгледаме попаметно, дека ни дава идентитет и боја, но од друга страна таа лишува други луѓе од нивните основни човекови права и ја осиромашува животната средина преку производствените процеси.

Од таму, како што се наведува, проектот „(Еу)ропа“ е обид да се натераат луѓето да застанат пред огледалото и да се видат на подлабоко ниво. Како граѓани на Стариот континент да проникнат во начинот на живот, во се понагласениот консумеризам и како човечки суштества реално да ги согледаат состојбите.

„Исклучително важно да се спореди облеката што ни го покрива телото со телото што ни ја покрива душата како постојан, а сепак минлив – непостојан костим. Како што костимите се затвор или ропство за некои луѓе, така нашите тела се затвор за нас самите. Освен ако притоа не го најдеме патот до слободата“ вели Сабрина Железник, Словенка која во последно време живее и твори во Македонија.

Покрај неа, како автори и перформери во овој ликовно-танцов перформанс се вклучени аргентинската кореографка Џезела Фантакуци, која пак подолго престојува во Италија, нејзиниот сонародник Хернан Вивес кој бил задолжен за звукот, Емилија Кардоне и Родриго Сена како автори на видеото и фотографиите и Италијанот Франко Сачети како автор на целиот концепт.

Проектот генерално е инспириран од катастрофалната несреќа близу Дака, во Бангладеш, во 2013 година, кога при рушењето на текстилната фабрика „Рана плаза“ имаше 1100 жртви.

Овој трагичен момент е искористен да се проговори за една исклучително горлива тема – тешките услови во кои работат текстилните работници насекаде во светот.

Железник појаснува дека сите учесници во проектот влегле со поинакви искуства, но дека секој, тргнувајќи од себе и од условите во сопствените средини, придонел во креирањето на заедничкиот поглед. Така во моментот кога се решиле да го претстават перформансот во Македонија тие биле длабоко свесни за условите во коишто работат овдешните текстилни работници. Дека едноставно не треба да одат на друг крај од светот, во Азија на пример, за да ги согледаат мизерните моменти во нивните работни средини – ниските плати, никаквата хигиена...„тоа модерно ропство“.

„Мислам дека тоа е вистинска трагедија и дефинитивно мора отворено да зборуваме за тие работи. Не само да покажуваме со прст туку и да се обидеме да најдеме одредени решенија. Не сме наивни да веруваме дека перформансот би можел да смени нешто, но сметам дека самото негово ставање на сцена, всушност почнувањето на дебата е веќе некаков почеток на движењето за менување на нештата“ ќе рече уметницата.

Инаку, по претставувањето во Струга, во понеделник, на 13 март, перформансот „(Еу)ропа“ ќе биде прикажан во Младинскиот културен центар во Скопје, пет дена подоцна и во белградскиот Битеф театар, а веќе во јуни во план е и турнејата по Аргентина од каде што доаѓа кореографката Фантакуци. Влезот за сите овие претстави е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG