Достапни линкови

Лавина реакции за филмот на Талески


Градоначалник на општина Битола Владимир Талески

Градоначалник на општина Битола Владимир Талески

Битолскиот градоначалник Владимир Талески за 8 илјади евра ќе сними документарен филм за неговото владеење со општината. Од опозициските партии реагираат дека жанрот ќе биде трагедија, поради неисполнетите ветувања во Битола.

Лавина од реакции покрена огласот на општина Битола за снимање и монтажа на документарен филм за развојот на градот од 2005 до 2017 година. Тоа е периодот на трите градоначалнички мандати на Талески. Филмот ќе се плати од општинскиот буџет во износ околу 8 200 евра без ДДВ.Филмот ќе се снима непосредно пред истекот на последниот мандат на Талески и пред одржувањето на новите локални избори.

Од политичката партија „Левица“ велат дека филмот што Талески им го приредил на битолчани во реалниот живот за овие три мандати е трагедија.

„Во услови кога Владимир Талески треба да одговара за криминалот во случајот „Транспортер“, општина Битола распишува оглас за снимање и монтажа на документарен филм за владеењето на Талески. Дали во тој филм ќе биде прикажано и централното училиште „Кирил и Методиј“ кое нема спортска сала? Ветил дека изградбата на киното „Манаки “ ќе биде готово до крајот на 2015 година, а не се случи. Ветил реконструкцијата на Офицерскиот дом до 2014 година, а ни ветениот стадион во Битола не е изграден. Филмот кој им го овозможи Талески на Битола е една голема трагедија “ вели Ивана Атанасовска од „Левица“.

Од СДСМ обвинија дека за овој период немало значителен развој на Битола.

„12 години на локално ниво и 10 години на централно, ВМРО-ДПМНЕ е партија на власт. Имаа доволно време и финансиски средства да го направат сето она што го ветија во нивните програми. Потрошија повеќе од 20 милијарди евра државен буџет и повеќе од 250 милиони евра општински буџет, а Битола ја направија последна станица“ вели Васко Ковачевски, претседател на Општинската организација на СДСМ во Битола.

Од општината велат дека реализираните капитални проекти во изминатиот дванаесетгодишен период се од развојно и историско значење за понатамошниот напредок на општината, поради што таа транспарентно и отчетно и овојпат низ документарен филм, ќе овозможи секој граѓанин да добие јасна слика, првично за поставените основи за одредени проекти, а потоа и за целокупниот тек на изведба, до конечната реализација.

Доведувањето на одредени проекти, во тенденциозен контекст, без прикажување на факти, претставува само обид да се манипулира со јавноста , велат од општината.

Градоначалникот Талески во отчетот за својата работа рече дека за време на неговото владеење ја намалил невработеноста и ја поттикнал градежната дејност.

„Јас знам дека има многу забелешки и нормално е да има. На некој поприоритетно им е едно, на друг друго. Може секој да полемизира, прифаќам да е така. Но, за мене најприоритетно беше да се намали невработеноста. Понатаму, работевме интензивно дури не ја откривме формулата што ја понудивме едно евро почетна цена за неизградено градежно земјиште. До тогаш немаше кран во Битола, не се градеше ништо. Направивме многу детални урбанистички планови, дадовме можност на многу инвеститори. Гледате сите градат на сите страни во градот“ изјави Талески.

Сепак, во изминатиот период не се реставрира Офицерскиот дом, Џепането, во индустриската зона „Жабени“ и покрај бројните најавени странски инвестиции до сега се изгради и функционира само една фабрика, изградбата на пругата за Грција запре, се уште не е доградена инфраструктурата во касарната, топлификацијата се уште не стигнала до градот, домот „Копнаки“ не се изгради, стадионот е на почеток од градбата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG