Достапни линкови

Бибер: Зголемена нестабилност ако Иванов не ја повлече одлуката


Флориан Бибер, директор на Студиите за ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Австрија

Флориан Бибер, директор на Студиите за ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Австрија

Поттикнувањето меѓуетнички конфликт во Македонија е играње со оган и може да предизвика сериозна дестабилизација, вели Флоријан Бибер, експерт за Балканот. Според Бибер, најдобро решение за излез од кризата е Иванов да го даде мандатот за формирање влада на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ си игра со оган во обидот да поттикне етнички тензии во Македонија, посочува Флоријан Бибер, експерт за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Австрија. Во интервју што за РСЕ, со Бибер го направи Роберт Колсон, тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ сакајќи да останат на власт и да избегнат правно гонење се обидуваат да го свртат вниманието од реалните проблеми со демократијата и да креираат вештачки меѓуетнички конфликт, што долорочно може сериозно да ја дестабилизира државата.

„Ова беше конфликт за демократија односно за недостатокот на демократија. Имаше повеќе обиди од владеачката партија да се претстави како етнички, да се сврти вниманието од кризата на демократија кон своевиден меѓуетнички проблем. Тие го користеа тоа и во изборната кампања и нивниот аргумент е постојано да се зборува за оваа албанска закана. Обидот конфликтот да се прикаже како етнички е крајно опасно и претставува намерно играње со оган од потребата да се остане на власт колку е можно подолго. Мислам дека ризикот од насилство не е толку реален, но ако играте на оваа карта, со ова сценарио, претставувајќи ја политичката кавга како етничка кавга, тогаш е лесно тоа да се претстави како егзистенцијална закана за Македонците и тоа секогаш носи голем ризик и можност за значителна дестабилизација“, вели Бибер.

Најдоброто можно сценарио во моментов за да се надмине политичката криза во Македонија, според Бибер, е претседателот Ѓорѓе Иванов да ја повлече одлуката и да додели мандат на СДСМ. Доколку Иванов не го промени ставот, проценката е дека ќе се зголеми ризикот за нестабилност во државата. Оваа промена Бибер смета дека може да дојде само под притисок од надвор, бидејќи Иванов јасно покажува декаодлучил да ја следи партиската линија, а не да ја преземе независната улога која треба да ја има како претседател.

„Ако претседателот не ја повлече одлуката, мислам дека ќе се соочиме со висок степен на политичка нестабилност. Работите зависат многу од надворешното влијание бидејќи јасно е дека ниту претседателот, ниту претходната владеачка партија имаат интерес да ја предадат власта. Во суштина, тие се загрижени затоа што треба да стравуваат не само од губење на власта, туку и губење на слободата ако се под истрага. Прашањето е дали има начин за нив да се откажат од власта и да не се плашат од затвор“, вели Бибер.

Зголемената смелост на ВМРО-ДПМНЕ за блокирање на формирањето влада и поттикнувањето народни протести, Бибер, ја објаснува и како резултат на помалото внимание на меѓународната јавност за регионот поради зафатеноста со други проблеми.

„Со администрација на САД која изгледа помалку посветена на обезбедување или гарантирање на безбедноста во југоисточна Европа и ЕУ опседната со други проблеми постои ризик од безбедносен вакуум. Намалената посвеност на САД или не барем не толку видлива посветеност, е сериозен ризик и мислам дека некои сили се обидуваат да го тестираат тоа и мислам дека ова го гледаме и во Македонија. Владата односно поранешната владеачка партија можеби е малку посмела од порано бидејќи чувствува дека не е под истиот притисок од САД како што би се очекувало дека ќе беше пред неколку години“, додава Бибер.

Според Бибер, смешен е аргументот на ВМРО-ДПМНЕ дека сега ДУИ е несоодветен коалициски партнер по 9 години соработка и коалицирање со нив. Што се однесува до платформата на албанските партии, тој смета дека дискусијата за зголемено користење на албанскиот јазик во Македонија не е проблематично и може да се разгледа и примени на различни начини, но ниту еден од нив не е пречка за опозицијата да го добие мандатот за формирање влада.

„Коалицијата во суштина би била со партија која владееше со ВМРО последните 9 години. Смешен е аргументот дека тие се несоодветен коалициски партнер кога беа прифатливи 9 години. Познавачите на ситуацијата знаат дека заштитата на правата на Албанците опадна во овој период, стана партиско прашање, во смисла дека ако сте Албанец од правилната владеачка партија тогаш ќе добиете работа, ако не, немате пристап до власта исто како и Македонците. Затоа ова е прашање на демократија, а не на етничка припадност“, вели Бибер.

Што се однесува до опасноста од прелевање на политичката криза од Македонија во регионот, Бибер е воздржан и посочува дека за сега не треба да се преувеличува со закани од регионален конфликт. Вели, регионот ја набљудува Македонија и она што ќе се случува во државата може да биде добар или лош пример кој ќе се следи и од другите балкански држави. Како што потенцира Бибер, доколку ВМРО остане на власт се зголемува ризикот и други држави со слични политички режими да одат во иста насока, додека пак ако ја предадат власта тогаш може да порасне притисокот за други држави да работат на засилување на демократијата.

Подготви Миркица Поповиќ

XS
SM
MD
LG