Достапни линкови

Контрадикторен однос на Иванов кон меѓународната заедница


Архивска фотографија-Годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Архивска фотографија-Годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Поранешни дипломати посочуваат на недоследност во односот на претседателот Ѓорге Иванов кон меѓународната заедница.

Контрадикторен и конфузен однос препознаваат поранешни дипломати во некои последни потези на претседателот Ѓорге Иванов.Тој минатата недела и порача на меѓународната заедница дека штом се воздржала од осудување на платформата сега требало ,исто така, да се воздржи и од наметнување решенија. Неколку дена по оваа изјава со писмо повторно се обрати до меѓународната заедница, но овој пат со барање - платформата да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки.

Таа, меѓународна заедница до која се обрати претседателот, односно конкретно Европскиот совет, НАТО,САД и Турција, со исклучок на последната држава, веќе побараа тој да ја преиспита одлуката и да го довери мандатот на партиите што имаат мнозинство. Иванов, според неговите јавни соопштенија, засега нема индиции дека размислува за таков чекор.

Според поранешниот амбасадор Благој Зашов поради позицијата на Македонија, нормално е меѓународната заедница да биде заинтересирана.

„Генерално ако инсистираме на тоа да не се меша меѓународната заедница во внатрешни работи на Македонија не треба да заборавиме дека во исто време Република Македонија е кандидат за членство во Европската унија и во НАТО и нормално е нивните претставници да бидат заинтересирани “ вели Зашов.

Од протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ чии учесници ја поздравија одлуката на Иванов, а секојдневно му даваат поддршка од улиците, пак непосредно пред доаѓањето на европската претставничка Федерика Могерини побараа да објави дека Македонија веднаш ги почнува преговорите за членство во Европската Унија. Но редовно кога некој од говорниците ќе го спомене меѓународниот фактор предизвикува исвиркување.

Во осуда на вмешувањето на меѓународната заедница се вклучува и официјална Москва. Русија преку неколку соопштенија бара „западот да прекине со грубото мешање во внатрешните работи на Македонија„.

„Русија одвај чека такви пропусти и грешки за да се наметне како партнер, како што се наметна во изборите во Црна Гора“ вели поранешниот амбасадор Алајдин Демири.

И ВМРО-ДПМНЕ по изборите испрати неколку соопштенија за средби со амбасадори од западните земји со жестока реторика кон нив. Сепак, од партијата секогаш повторуваат дека тие се за евроатланска интеграција на Македонија и дека остануваат на тој пат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG