Достапни линкови

„Реис“, филм за животот на Ердоган


Деновиве во Турција почна да се прикажува филмот „Реис“ или „Водач“. Станува збор за животот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Некои критичари велат дека тоа е уште една пропаганда пред најавениот референдум за измени на уставот за зацврстување на моќта на Ердоган.

Од момче кои расте на улиците на Истанбул, сериозно и учтиво кое продава семки и им помага на сиромашните. Пријателите веќе го викаат „реис“. До возрасен човек кој се бори против темните сили во изградбата на силна и праведна Турција.

Ова е приказната на новиот филм за животот и времето на Реџеп Таип Ердоган, човек кој доминира во турската политика во 21 век.

„Човек умира еднаш. Ако треба да умреме ајде да умреме како луѓе“, вели Ердоган кој на филмот го игра актерот Реха Бејоглу.

Сцена од филмот „Реис“ за животот на турскиот претседател Ердоган

Сцена од филмот „Реис“ за животот на турскиот претседател Ердоган

Тој, говорејќи пред новинарите на премиерата на филмот ги отфрла сугестиите дека излегувањето на филмот било темпирано за да му помогне на претседателот да победи на референдумот во април што ќе му донесе поголема претседателска моќ.

Филмот, според Бејоглу, е во чест на 63 роденден на Ердоган.

„Ќе има критики. Луѓето не може да ги запреш да зборуваат. Секој може да каже се, но ова дефинитивно не е пропагаден филм.“

Бејоглу кој го игра Ердоган од времето кога е затворен поради исламистичка активност до доаѓањето на власт додава:

„Нашиот претседател е како делот што ги држи муслиманските молитвени бројаници заедно. Ако се скрши бројаниците ќе се растурат. Кога ќе погледнеме околу светот ова е вредноста на нашиот претседател“.

Критичарите на Ердоган сметаат дека расте култот спрема неговата личност во услови на масовни апсења по неупешниот државен удар во јули лани.

Доколку на референдумот минат уставните измени тогаш се менува политичката сцена во Турција. Претседателот ќе може да поставува министри, да го распушта парламентот, да воведува вонредна состојба и да владее со декрети.

Поддржувачите на Ердоган пак, сметаат дека промените се важни за земјата која е разнишана од нападите како од милитантите на Исламската држава, така и од курдските бунтовници.

Политичкиот аналитичар Мустафа Акијол гледа иронична паралела меѓу Ердоган кој го враќа исламот и Кемал Ататурк, татко на секуларната Турција.

„Сега, еден век подоцна, во Турција се гради друг култ на личноста и тоа од рацете на оние кои со децении го исмејуваа култот на Ататурк“, вели Акијол.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG