Достапни линкови

Поплавска со шекспировиот „Венецијански трговец“ во Драмски театар


Постер за претставата Венецијанскиот трговец
Постер за претставата Венецијанскиот трговец

Работена како втора премиера годинава, од денеска, на сцената на Драмски театар – Скопје, во режија на Наташа Поплавска, започна да живее шекспировата „Венецијански трговец“, една од најмалку изведуваните негови пиеси.

По цели 46 години од постановката на режисерот Хуго Клајн во МНТ, шекспировиот „Венецијански трговец“, еве го по вторпат на некоја од професионалните македонски театарски сцени. Зад ретко изведуваната трагикомедија во глобални рамки, овој пат со својот специфичен творечки ракопис и по прв пат во Драмски театар застана Наташа Поплавска. Истата онаа која во изминатиов период ги потпиша и првиот лиценциран македонски мјузикл „Чикаго“, „Буре барут“ на Дуковски, балетот „14 часа“ та дури и класиката „Ромео и Јулија“ пред цели две декади.

Говорејќи за проектот, таа вели дека се зафатиле со комплицирано дело во драматуршка смисла. Дека нивниот колега Шекспир пред 400 години успеал три приказни вешто да ги склопи во една. Во времето кога тој ја нарекува „комедија“, тоа всушност било една драмска матрица по која сите работеле, иако во основа станува збор за „траги-комедија“ - еден жанр кој малку подоцна од елизабетанското време доаѓа на театарската сцена.

„Се работи за трагикомедија којашто, се разбира, јас како творец ја направив онака како што ми доликува мене. Како и сите мои претстави, така и оваа ќе започне со раскажувачот којшто ќе ни раскаже една приказна со тоа што овој пат приказната е една во којашто има три“, вели режисерката.

Поплавска имала можност изборот на актерите да го направи на отворен кастинг на кој се пријавиле над 70-на, по што пристапила на изработка на концептот за претставата. Разбирливо, доминираат мажите затоа што, како што вели, едноставно сакала да искуси како е тоа да се прави театар според практиката од шекспировското време. Театар во кој жените немале можност да играат главни ролји и наместо тоа нивните улоги им биле давани на младите момчиња чиј глас се уште не бил променет.

„Ќе видиме едно дело во кое веројатно ќе се препознаеме. Ќе видиме колку е Шекспир актуелен и денес. Колку е сè неверојатно точно, просто да се прашуваш како е и по 400 години повторно истото“, потенцира таа.

Во контекст на ова, Јовица Михајловски, кој по легендарниот Петре Прлично е „вториот Шајлок“ во историјата на македонското глумиште, истакнува дека нему највозбудливото нешто од целиот творечки процес му било препознавањето на актуелноста на текстот.

„Она што за мене беше и сега е многу битно е што Шајлок со тие зборови кои Шекспир ги напишал уште пред четири века е голем борец против неправдата, борец за еднаквост, борец против нетолеранцијата. Речениците што ги говори Шајлок се реченици на Мартин Лутер Кинг, на Нелсон Мандела. Тој повикува на борба за толеранција и почитување на малцинствата од кој било вид – верски, национални, какви сакате. И тоа е она што му ја дава актуелноста на Шајлок како лик“, ќе рече Михајловски.

Неговиот колега, искусниот Диме Илиев бил задолжен за ликот на Првата Дама, Стефан Вујисиќ за („ововремената, жена а не емитација) Порција, а во „Винецијанскиот трговец“ играат и младите Дамјан Цветановски, Златко Митрески, Григор Јовановски, Сергеј Димоски, Јаков Спасов, Марко Илиќ и Зоран Ивановски. „Шекспиранската подела“ единствено е нарушена со присуството на актерката Јана Стојановска. Таа, заедно со Лука Ѓоргиевски и Андреј Блажевски, стои и зад музиката во претставата, костимограф е Александар Ношпал, а сценографијата е дело на Емил Петров.

Кога сме веќе тука да спомнеме и тоа дека во процесот на креација особено важна била и улогата на кореографката Ирена Лозинска со која, патем, Поплавска соработува од зачетокот на „Чикаго“ и за која вели дека го „следи нејзиниот естетски ракопис“.

И, конечно за успешноста на целата творечка приказна со својот авторитет како актерка и уметница којашто се занимава со сценски движења, со физички театар се заложила Маја Митиќ од Белрад, соседна Србија. Таа, како повеќегодишен член на експерименталната театарска работилница „Дах театар“, во пресрет на премиерата на „Венецијанскиот трговец“ знае да каже дека со оваа претстава нејзе лично ѝ се случила една голема меѓудржавна размена. Потсетува дека уметноста не е национална и дека не познава граници, та затоа и самата чувствува оти имала можност да расне како творец во таа размена на знаења кој траела доста долго.

„Ми се чини дека во овие години во кои сум и самата освен да бидеш добар глумец и да ѝ се бендисуваш на критиката и публиката, многу е битно да се пренесува знаењето бидејќи пренесувањето на знаењето е всушност традицијата. А, Македонија има многу силна театарска традиција, многу квалитетни глумци, квалитетни режисери, ја има таа некоја синкопа во театарот која е специфична и во таа смисла сметам дека и јас пораснав во овој процес со моите колеги бидејќи и самата во основа сум актерка“, констатира Митиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG