Достапни линкови

Нема нови вработувања без методологија за правична застапеност


Седница на советот на Општина Куманово

Седница на советот на Општина Куманово

Годишниот план за нови вработувања во Општина Куманово не е реализиран, зашто не е донесена методологија за правична застапеност. Поради изборите воопшто не може да се објави конкурс.

Годишно вработување според планот во минатата 2016-та година не е реализиран поради калкулаторот, балансерот на застапеноста на етничката припадност, што не е направен според методологијата од Министерството за информатичко општество. Методологијата не била донесена, а потребите за вработувања во Општината наметнале вработување лица времено преку Агенција за вработување, вели Валентина Алексовска, секретар во Општината Куманово.

„Самиот Закон за јавниот сектор предвидува дека за итни потреби општината може да вработи за еден плус еден месец, а за зголемен обем на работа во услови кога не се исполнети законските услови, а работата не може да трпи поради недонесена методологија, општината мораше да вработи лица преку агенција на година дена“, вели таа.

Поради изборните циклуси воопшто не можело да се објави конкурс за вработување, а според Законот за јавна администрација планот мора да се донесе до крајот на март. Алексовска вели дека тоа е само план. Но, проблем е што законодавецот не ја предвидел методологијата, а сега поради избори не може да се реализира, туку тогаш кога ќе се обезбедат услови. Поради доцнење на формирање влада и претстојни локални избори, можно е законот да се реализира подоцна.

„Општината не ја предвидува процедурата. Министерството, владата и собранието го донеле и прифатиле тој закон, а општината само го применува. Не може однапред да предвидиме од која етничка припадност ќе биде вработениот, иако се очекува да се најде друга квота“, вели таа.

Во вкупниот број на вработените ќе се гледа колку се Македонци, Срби, Роми, Албанци според личните изјаснувања за етничка припадност на последниот попис. Моментно во општината се вработени 26 лица кои се изјасниле како Срби, со што се исполнува квотата, појаснува Алексовска.

Советниците Ашмет Османовски, Бобан Јаќимовиќ и Саша Николиќ од „Коалицијата за подобра Македонија“ сметаат дека недоволно се застапени Ромите и Србите во процентуалната застапеност на вработените. Османовски револтирано вели дека ромската заедница е на маргините поради нејзиниот социјален и образовен статус, а Ромите квотата за вработување ја исполнуваат само во ЈП„Чистота“ каде што на нив им се даваат метли и камиони да собираат смет. Но, сепак е благодарен и за такви вработувања.

„Знам дека во ова претпријатие особено доколку има потреба во администрацијата, место за Роми нема, таму квотата е исполнета“, вели тој.

Алексовска вели дека во други претпријатија нема Роми, но можеби пак и српската заедница некаде ќе биде најповеќе застапена.

Саша Николиќ од ДПСМ вели дека е спорно дали тие што се декларирале како Срби, навистина се Срби.

„Проблематично дали воопшто бројката од 26 вработени Срби покажува вистинска во смисла дали тие се Срби или само така се изјасниле. Можеби бројката е дотерана за да ги има во поголем број. Но, при новите вработувања би требало процентот да се однесува на 2017-та и 2018-та, а не на веќе постоечките. Инаку, во наредните две години воопшто нема да има вработени Срби во Општината Куманово“, вели тој.

Проблемот при исполнување на етничката квота, за што повеќето од советниците сметаат дека тоа не значи и квалитет е поради тоа што дел од Македонци се изјаснуваат како Срби, а дел од Србите пак се изјаснувале како Македонци, во одредени околности само за да добијат вработување. Во Куманово такви гулаби прелетувачи од еден во друг етникум за остварување на личните интереси не е ништо ново. Затоа сметаат дека балансерот треба да биде модифициран, а квалитетот да има приоритет.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG