Достапни линкови

На битолското Џепане ќе му ги заѕидаат влезовите


Џепане, Споменик на културата од прва категорија во Битола.

Џепане, Споменик на културата од прва категорија во Битола.

Министерството за култура не одвои пари за заштита на овој споменик од 19 век, па за да не биде и понатаму мета на крадци, ќе му се заѕидаат влезовите. Веќе седум години крадци го соголуваат Џепане, ги носат ќерамидите и ги раскопуваат ѕидовите крадејќи градежни материјали.

Наместо да се реставрира битолското џепане, споменик на културата од прва категорија, кое веќе неколку години е на удар на крадци, надлежните ќе му ги заѕидаат влезовите за да не може да се влегува внатре.

Годинава Министерството за култура според објавената програма нема да издвои пари за заштита на оваа тврдина од 19 век во форма на крст со четири уникатни објекти од делкан камен, врвно дело на смилевските мајстори.

Џепането се наоѓа во поранешната битолска касарна, која откако беше отворена за во неа да се изгради нова населба, веќе седум години крадци го соголуваат џепането. Ги носат ќерамидите од објектите и ги раскопуваат ѕидовите крадејќи градежни материјали. Ги исекоа дури и дрвените столбови со громобрани. Претходно украдоа врати, прозорци, штиците и дрвени греди од подот. Внатрешноста наликува на јавен нужник.

Објектот е предаден во владение на битолскиот Завод и музеј.

„Минатата година во извештајот успеавме џепането да ни е пренесено на нас како на корисници, односно е во наше владение. Прва активност што презедовме беше увид на состојбата на терен, па сработивме елаборат за валоризација на џепането. Прогласено е за споменик на културата од највисока категорија. Елаборатот е предаден до Управата за заштита на културното наследство и се уште чекаме краен одговор дали е прифатен или треба некакви корекции. Со тоа еден дел од работите завршивме“, вели директорот на битолскиот Завод и музеј, Зоран Алтипармаков.

Тој објаснува дека кражбите ги пријавиле до надлежните институции, но до сега не е преземено ништо, па планираат да ги преградат влезовите.

„Пријавено е до полиција за сè што се случува таму. Повторно се соочуваме со битолската реалност. И на крај планираме некаде во пролетните месеци времено да ги заѕидаме влезовите на џепането. Срамота е да заѕидуваме, но како да реагираме? Сè што можевме известивме, а повратна реакција нема. Имаме информации дека сè уште таму влегуваат, уништуваат, како секаде низ Битола и не можеме да преземеме друга реакција“, вели Алтипармаков.

Џепането било изграден во 1876 година како турска барутана. Објектот го граделе врвни мајстори од Смилево во време на битолскиот валија Ќоса Ахмет Зеки-паша.

Кога мајсторите го доградиле воениот магацин валијата ги прашал колку чини, а тие одбиле велејќи „преплатено е валија, за света работа пари не се земаат. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна писарот му кажал дека од спротивниот рид објектот се гледа како одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и згради. Џепането носи тајни белези на ѕидарите, меѓу кои и изделкан крст на западниот ѕид.

Ова не е единствениот споменик од прва категорија во градот на конзулите кој се распаѓа. Таква е и состојбата со Офицерскиот дом во Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG