Достапни линкови

Зошто македонското буре барут може да го запали Балканот?


Зошто Македонија повторно влезе во криза со несогледливи последици и зошто Могерини зборува за геополитички конфликт?

Напишете ги овие два-три збора на латиница или на кирилица на гугл и ќе ви излезе бескрајна линија новинарски текстови, написи, театарски претстави и филмови, според кои, Балканот е европско буре барут, а Македонија е балканско буре барут. Сеедно дали се од македонски, балкански или светски медиуми и автори, сите тие имаат длабока историска димензија која укажува дека Македонија и денеска може да го запали Балканот со несогледливи последици по безбедноста на Европа.

Историски фрустрации

Оваа земја со славно име, во центарот на Балканот, во историјата сите ја посакувале, а некои и ја поседувале. Нејзиното име се оспорува од еден сосед - Грција, нејзиниот идентитет се оспорува од друг сосед – Бугарија. Овој термин, „Балканското буре барут“ започнал да се користи во почетокот на ХХ век кога балканските држави како Србија, Бугарија и Грција водат балкански војни против Отоманското Царство и ги шират своите територии на сметка на Македонија, која останала во рамките на Турција. Тогаш се случува поделбата на Македонија и најголемиот погром на Македонците чиј идентитет е оспоруван од соседите поради нивните лукративни интереси за власт на територијата низ која поминуваа главните патишта од север кон југ и од исток кон запад. Тогаш Македонија станува буре барут на Балканот - термин кој останува актуелен до денешен ден.

Графит во Скопје - Картата на Обединета Македонија
Графит во Скопје - Картата на Обединета Македонија

Но, да ја скратиме историската приказна, за која на Балканот секој има своја вистина, и да се вратиме во сегашноста. Македонија денес е „буре барут“ исто колку и пред 100-тина години. Македонците, или еден дел од нив, во тоа мало парче земја, како и во минатото, во потсвеста и денеска се чувствуваат загрозени од соседните земји, но и од внатрешните соседи, етничките Албанци, за кои мислат дека сакаат да им одземат дел од територијата што има остана. И тука лежи стравот поврзан и со денешниот проблем кој се заканува со експлозија на балканското буре барут.

Зошто Могерини зборува за геополитички конфликт?

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како што велат за РСЕ политички аналитичари, успеа да ја искористи таканаречената двојазичност или пошироката употреба на албанскиот јазик за создавање страв кај Македонците дека ќе ја изгубат државата. Тоа води кон меѓу етнички тензии и судири, а кога има немири во Македонија соседите не седат настрана. Потврда за тоа се изјавите на премиерите на Косово и Албанија, Еди Рама и Хашим Тачи. Тачи го предупреди Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов дека Албанците би можеле своите права да ги земат во свои раце. Според поранешниот министер за надворешни работи и универзитетски професор Денко Малески, познато е уште од времето на југословенските војни дека Македонија има сензитивна позиција и можност внатрешните етнички конфликти и судири да се прелеат на соседните држави и тие да се инволвираат, што би можело да прерасне во геополитички судир на Балканот и во Европа.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини во Скопје на 2 март
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини во Скопје на 2 март

„Ова би било нешто уште полошо од она што се случуваше во Босна, која на некој начин се сметаше за изолирана во срцето на бившата федерацијата и дека не е можно такво прелевање на конфликтот на еден поширок геополитички простор каде што се судираат интереси на различни држави“, смета професор Малески, кој беше и министер за надворешни работи во 90-тите години, кога Македонија го одеше патот на меѓународно признавање.

Со голема доза на загриженост реагираа и САД, НАТО, ОБСЕ и ЕУ, барајќи во Македонија брзо да се формира влада додека шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини во четвртокот во Скопје предупреди на геополитички конфликт.

„Ова е комплексна земја во комплексен регион. Не ни треба гориво бидејќи имавме и досега оган“, рече Могерини.

Настрана не стои ни Москва која преку соопштенија од Кремљ или од руската амбасада во Скопје редовно, од почетокот на македонската Шарена револуција, го обвинува Западот дека се меша во внатрешните работи на Македонија и сака да ја тргне од власт ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто Македонија повторно влезе во ваква криза?

Според многумина политички аналитичари, станува збор за маестрално изведената манипулација со патриотските чувства на Македонците од раководството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На рака на оваа партија и одеше фактот дека политичкиот договор (Платформа) на албанските политички партии беше потпишан во главниот град на соседна Албанија, Тирана, со посредство на премиерот на Албанија Еди Рама. Тоа беше изговор за Претседателот Ѓорге Иванов да не му даде мандат на лидерот на СДСМ Зоран Заев да формира нова влада. Според Иванов, кој стана претседател со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, секој што преговара за платформа направена од туѓа држава, ги загрозува државните и националните интереси на Македонија. Лидерот на албанската ДУИ, Али Ахмети, партијата која се согласи да влезе во влада со СДСМ, сега вели дека тоа е изјава, а не платформа и дека била напишана во Скопје, а не во Тирана. Со тоа сака да ја спушти топката на земја, но дали не е доцна?

Дали албанскиот јазик е вештачки наметната тема?

„Да тоа е вештачки наметната тема“, смета Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, бидејќи според него, а и многумина други аналитичари, станува збор за носење закон кој во рамките на Охридскиот мировен договор со кој заврши војната меѓу албанските бунтовници и македонските сили за безбедност во 2001 година. Истиот закон, според албанските политички партии и СДСМ, нема да доведе до менување на Уставот на земјата. Албанските партии наведуваат дека кога преговараа најпрвин со ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија ја прифатила албанската платформа, а сега прави проблем бидејќи не сака да оди во опозиција. Стравот од одење во опозиција е страв од соочување со судски процеси за раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но за тоа подоцна.

Во меѓувреме, факт е дека јавноста не го има видено договорот кој за законот го постигнале албанските партии и СДСМ, што на ВМРО-ДПМНЕ му остава простор за манипулации.

И затоа ВМРО-ДПМНЕ успеа на улиците да извади илјадници етнички Македонци. Тие од минатата недела протестираат секоја вечер во Скопје и други градови во земјата, сметајќи дека унитарноста на македонската држава е загрозена.

„За заедничка Македонија“ - трет протест, прва победа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Заробена држава од хибриден режим

ВМРО-ДПМНЕ владее 11 години во Македонија. Оваа партија го потхрануваше античкиот елемент од македонската нација. Го градеше проектот Скопје 2014 - еден куп споменици, не само од антиката, туку и од поновата историја, во кој централното место го има споменикот на Александар Македонски. Овој проект, кој запали многу страсти и контроверзи и внатре во Македонија, наиде пред сè на потсмев во светот. Скопје беше споредувано со Дизниленд. Од страна на македонската опозиција и невладиниот сектор, пак, беше оценет како најголем коруптивен проект на македонската влада. За проектот молчеше ДУИ - албанскиот коалиционен партнер на Груевски, бидејќи и тие добија свои споменици и свој плоштад во Скопје наречен Скендербег. Оваа владејачка коалиција која тврдеше дека прави сè „за и во име на народот“ беше наречена „коруптивна тендер коалиција“, која со години наназад од ЕУ, САД и од меѓународни невладини организации како Фридом хаус, Репортери без граници и други, беше оценува како главен виновник за контролата врз судството и медиумите.

Пред две години опозицијата презентираше нелегално снимени разговори за кои тврди дека се направени од Управата за државна безбедност, односно од тајната полиција. Станува збор за нелегално прислушување на над 20 илјади граѓани, политичари, новинари и интелектуалци во двомилионската Македонија. Во дел од тие разговори наводно се слуша како министри, преставници на власта, па и лично екс-премиерот Никола Груевски договараат корпуптивни зделки, прават изборни манипулации, па нарачуваат и насилни дејствија против градоначалникот на скопската општина Центар.

Голем дел од раководство на ВМРО-ДПМНЕ, според овие разговори, е обвинето за криминал, корупција, изборни нерегуларности. Дел од аналитичарите сметаат дека тоа е злосторничко здружување. Како што е познато, власта и екс-премиерот Никола Груевски негираа дека тие прислушувале и дека таа операција е нарачана од странски сили за да се доведе опозицијата на власт, која, пак, имала добиено задача да ја федерализира Македонија и да го смени името. Но, овие снимки предизвикаа револт кај дел од народот што, пак, се претвори во таканаречена „Шарена револуција“, што за ВМРО-ДПМНЕ претставуваше украинско сценарио за уривање на власта во Македонија. И тогаш се јави Москва. Ставовите на руското МНР коинцидираат со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и да е повеќемесечните секојдневни протести на шарените револуционери во Скопје и други градови во Македонија доведоа до нов политички договор постигнат со посредство на САД и ЕУ – познат како Пржински договор. Според тој договор, се формираше техничка влада која спроведе избори кои завршија со мала предност на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Таа освои само два мандати повеќе од опозицискиот СДСМ, кој за прв пат со својата отвореност доби поддршка и од извесен број гласачи - етнички Албанци. Но, клучно беше што според овој договор се формираше и СЈО. Ова тело треба да го истражи криминалот кој произлегува од нелегално прислушуваните разговори. На удар се најдоа челниците на ВМРО-ДПМНЕ, а оваа партија го обвини СЈО дека е во служба на опозицијата и странските сили.

Судири, материјална штета, повредени и приведени по протестите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:52 0:00

Меѓутоа, целата игра која денес се случува во Македонија е всушност стравот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека одењето во опозиција значи соочување со судски процес од судство кое веќе нема да можат да го контролираат. Затоа според Перо Димшоски, поранешен функционер во Владата, повиците на протести се обид политичката криза да се прелее во граѓанска.

„Сега тие одеднаш одат на одбрана на некакви национални интереси, зборуваат за дефакторизација, за работи што немаат врска со тековната политика“, изјави Димшоски за РСЕ.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG