Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ го напушта европскиот пат?


Архивска фотографија - Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ прославуваат изборна победа по првичните резултати од парламентарните избори во декември 2016.
Архивска фотографија - Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ прославуваат изборна победа по првичните резултати од парламентарните избори во декември 2016.

Додека меѓународната заедница упатува бројни повици да биде формирана нова влада во Македонија, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со сите средства се обидува тоа да не се реализира, коментираат аналитичари. Тие велат дека сегашната власт ќе прави тензии додека не бидат издејствувани нови избори.

Во моментов реториката на ВМРО-ДПМНЕ се движи во насока на тоа или да има нови парламентарни избори во земјата или да биде повлечена Платформата на Албанците.

Во последното соопштение ВМРО-ДПМНЕ наведе дека нема да дозволи во земјата да бидат донесени решенија спротивни на националните и државните интереси. Од партијата посочија дека нови парламентарни избори би одговориле на прашањата дали граѓаните се подготвени за редефинирање на Република Македонија.

Сето тоа е спротивно на она што го порачаа претставниците на меѓународната заедница, на ЕУ, НАТО, ОБСЕ, Стејт департментот...

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стори сè за да не биде формирана нова влада. Според него, само на тој начин партијата може политички да остане во игра, односно и натаму да биде фактор.

„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на максималистичките барања во врска со ситуацијата во која се наоѓа Македонија, но исто така сметам дека во наредните неколку дена ќе бидеме сведоци на изнаоѓање на решение кое што ќе биде прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ и за сите оние што мислат дека ова што се случува во земјата не е правилно“, вели Гаџовски.

Игноратскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ, додава Гаџовски, сè повеќе ја одалечува Македонија од евро-атланскиот пат и интеграциите, а на земјата и е нарушен имиџот во меѓународната заедница.

ВМРО-ДПМНЕ со помош на ДУИ долго време ги игнорира и се однесува неодговорно кон сите препораки на ЕУ, од првиот пржински Договор наваму, и сето тоа се прави за Македонија да биде оставена сама да одлучува за своите потреби и покрај тоа што е претендент за членство во Унијата, вели политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

„Ова се прави со отворена намера ВМРО-ДПМНЕ да не падне од власт, затоа што паѓањето од власт ќе биде фатално за политичката елита на партијата. И сега таа повторно ја вади од контекст меѓуетничката тензија, повторно излегуваат како бранители на Македонија, наводно Македонија е нападната од Албанците. Таа е логиката по која се однесува ВМРО-ДПМНЕ“, вели Демири.

Партијата во своите намери ќе оди до крај, додава Демири, бидејќи според него, без мандатот на Иванов не може да биде формирана нова влада, а сегашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе продолжи да прави тензии се додека не бидат издејствувани нови избори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG