Достапни линкови

Алпинистички филмови во МКЦ


Пет дела со кои ќе биде претставена најновата колекција на возбудливи качувачки продукции и две домашни остварувања се на програмата на 11-то издание на светската филмска турнеја РИАЛ РОК, што на 28 февруари, во 20 часот, премиерно ќе биде прикажана во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Ова е трето гостување на документарниот серијал во Република Македонија.

По безмалку тримесечното одлагање од условно востановениот термин, Скопје по трет пат ќе биде еден од 500-те домаќини на РИАЛ РОК, светскиот документарен серијал кој стигна до своето единаесетто издание и во чии рамки ќе биде претставена најновата колекција на возбудливи качувачки филмови кои ги прикажуваат најголемите приказни и атлети во рамките на алпинизмот и спортот воопшто.

Петте нови остварувања е предвидено на публиката, и посебно на љубителите на екстремните спортови, на сите оние што на 28 февруари, во 20 часот, не случајно ќе се најдат во киното „Фросина“, во Младински културен центар, да им претстават исто толку возбудливи акции, патувачки истражувања низ светот, убава забава и да ги поттикнат на нови предизвици.

Случувањето ќе биде отворено со триесетминутниот „Нови дечки“ во кој се претставени 15-годишната Ашима Шираиши и 16-годишниот Каи Лајтнер, лидери на новата генерација, кои веќе го носат спортот на следното ниво. Филмот ги следи овие „чуда од деца“ за време на нивниот летен одмор во Норвешка, каде легендарната пештера Флатанџер, ги става на тест нивните вештини и ги принудува да излезат надвор од комфорната зона.

Потем следува 20-минутниот „Момци во вреќи“ во кој на духовит начин е раскажана сторијата на Мет Сегал и Вил Станхоуп, двајца елитни качувачи и смотковци од светска класа кои го преферираат најтешкото традиционално алпинистичко искачување и чиј предизвик бил пукнатината која се издига над глечер во канадската дивина на планината Бугабу. И по една таква понуда, како трет од серијалот ќе биде прикажан краткиот „Брет“, кој го следи надоаѓачкиот талент на Брет Харингтон, низ нејзиното глобално патување од гранитот во својот роден град Сквамиш, во САД, преку полигонот за докажување – големиот ѕид на Ел Капитен во Јосемити, па сè до крајната дестинација, шпицот Сент Егзипери во Патагонија. Продолжението ќе го донесе „Одличниот татко“, сторијата за „осамениот волк“ Мајк Либецки, кој досега има реализирано над 50 експедиции. Тој, патувајќи најчесто сам до најодалечените делови на светот за да пронајде неискачени ѕидови, има нов предизвик - да го усогласи својот авантуристички живот со барањата на родителството. За крај од интернационалниот дел од програмата е оставен „Шеќерлемата на Додо“. Во ова получасовно остварување станува збор за авантурата на Шон Виланова Одрискол, Бен Дито, браќата Нико и Оливер Фавресе и нивниот 79-годишен капетан, почитуваниот Боб Шептон, кои тргнуваат на рокачко музичко патување на отворено море, смрзнувачки температури и неискачени големи карпи. Филмот е бележан како „олицетворение на авантурата“ и добитник е на престижната награда „Чарли Фаулер“.

Од друга страна, ова 11-то издание на РИАЛ РОК на публиката ќе ѝ понуди и две силни локални документаристички остварувања. Организаторите велат дека неизбежно за претставување е искачувањето на највисокиот врв на Северна Америка, Денали, кој беше петтиот предизвик на нашата алпинистка Илина Арсова од циклусот „7 врвови на 7 континенти“. Овој суров високогорски и ски-алпинистички предизвик со неговите 6195 метри надморска височина, таа го реализираше заедно со охриѓанецот Филип Василески – Четкар.

„Многу ни е мило што ете ќе имаме едно овековечување на оваа предизвикувачка авантура, бидејќи искачувањето на врвот Денали на Аљаска навистина не беше лесно. Тоа беше една од потешките задачи што досега сме ги реализирале и навистина многу се радуваме што, благодарение на екипата на Ски-Македонија, добивме еден краток документарец од 20-на минути којшто ќе имаме можност да го погледнеме заедно“, ќе рече Арсова во пресрет на емитувањето на филмот на РИАЛ РОК 2017.

Покрај ова дело, во рамките на локалната програма, ќе биде прикажано и достигнувањето на Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ кои на 10 октомври 2016 го освоија Мера Пик во Непал, со своите 6476 метри надморска височина, станувајќи со тоа првата македонска женска хималајска експедиција. Документарецот нуди ексклузивен видео материјал, а организаторите на случувањето потсетуваат дека тоа е неодминлив доказ за тоа дека минатото лето на качувачки план жените успеаја да ги направат најуспешните високогорски искачувања.

Патем, само да потсетиме дека единаесеттата РИАЛ РОК филмска турнеја традиционално започна на 15-ти септември 2016 година во Болдер, Колорадо, САД. По прв пат, во случајов, таа е форматирана во облик на фестивал, а продолжи во центри како Сиетл, Сан Франциско, Њујорк и Вашингтон, по што следуваа стандардните премиери насекаде низ светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG