Достапни линкови

Нема влада, но има говор на омраза и нетрпеливост


Зградата на Владата на Република Македонија
Зградата на Владата на Република Македонија

Додека политичките лидери се обидуваат да формираат владино мнозинство, на фејсбук продолжуваат говорот на омраза и меѓуетничката нетрпеливост.

По редовното неделно интервју на РСЕ со народниот правобранител, Иџет Мемети, има само еден коментар на нашата Фејсбук страница, барем додека го правиме прегледот на вашите коментари, почитувани. Кирил-Кико Пејовски детално ја анализирал позицијата, а и однесувањето на Мемети, па објаснува зошто не го изгледал интервјуто со него:

„Пред негови очи, пред неговата нова инаугурација за местото што го држи се случи најголемиот срам во нашата и пошироката историја: беа исфрлени новинари и пратеници ко’ партал, а тој немо гледаше и само чекаше да помине неговата точка“ – пишува Пејовски, па објаснува и прашува зошто воопшто постои институцијата Народен правобранител, кога „освен да констатира нешто нема никаква правна функција и неговите укажувања скоро никогаш не се земаат предвид. Мора да се сменат законите и да се дадат поголеми овластувања за таа функција да значи нешто во судската власт“, завршува Кирил-Кико Пејовски.

Изгледа на некои им успеа да го нарушат меѓуетничкото толерирање, па по информациите дека во домот на поранешниот новинар и пратеник на СДСМ, Мухамед Зекири, бил направен претрес и дека бил вознемируван од обезбедувањето на Мијалков во едно кафуле во Скопје, Фејсбук страницата е полна со пцовки и недоличен јазик, со јазик на омраза, што професионалната етика не ни дозволува да ги пренесеме. Снежана Андраси едно време извикува: „Абе доста бе, алооо, со тие гнасни зборови... па што луѓе ќе бевте...“ Но Снежана никој не ја слуша, па гнасотиите продолжуваат.

РСЕ објавува информации за сè она што се случува на политички план во државава, за обидите на Груевски, сега и на Заев да формираат владино мнозинство, а говорот на омраза и меѓуетничката нетрпеливост продолжуваат на Фејсбук. Кирил-Кико Пејовски пак го изнесува своето мислење:

„Ова сè повеќе личи на една добра перфидна игра на Ахмети и Груевски. Секој купен ден е ќар...“, пишува, а едновремено им забележува на пратениците на СДСМ од граѓанскиот сектор зошто не реагираат на актуелната ситуација.

Во врска со дискусиите за двојазичност, Даниел Јованов Јованов постирал: „Абе што сте запнале за тоа јазикот, двојазичност е од 2006 година, синкир сосила ќе ве тера некој да го учите, гледајте подобар живот да имаме за сите, исто да биде за сите етнички и национални припадности, доста џвакате глупости по ФБ...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG