Достапни линкови

На НАТО му е неопходна поддршката од САД


Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија ќе мора да го плати нејзиниот фер удел во НАТО. Претходно, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на министерскиот состанок на НАТО во Брисел побара од членките да ја зголемат воената потрошувачка.

Меркел оцени дека без континуирана американска поддршка, Алијансата не би требало да се надева да го победи исламскиот тероризам. Таа на состанокот на жените од нејзината партија во Берлин изјави:

„Ние секако знаеме, и ова го велам како германски канцелар, дека без НАТО, без Трансатлантскиот сојуз, без воените способности на САД, ние не ќе можеме да бидеме во можност да го победиме исламскиот тероризам во Ирак, Сирија, Либија. И тоа ни покажува колку е важно да плаќаме чесен придонес во Алијансата. Ние се уште не придонесуваме доволно“, рече таа.

Меркел додаде дека Германија ќе работи да ја зголеми потрошувачката за воени потреби која сега изнесува 1,19 насто од бруто домашниот производ. Но, таа предупреди дека ќе биде неопходно време за да се постигне тоа.

Коментарите на Меркел дојдоа пред Минхенската безбедносна конференција.

Таа, пак, се одржува во време на нејасни трансатлантски односи откако американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека НАТО е застарена организација и ја критикуваше политиката на Меркел.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Брисел, 15.02.2017.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Брисел, 15.02.2017.

На овој состанок кој се смета за еден од најважните дипломатски собири во светот и кој почнува на 17 февруари, освен американскиот потпретседател Мајк Пенс, ќе учествуваат и државниот секретар Рекс Тилерсон и секретарот за одбрана Џејмс Матис.

Тој во Брисел им порача на другите членки во НАТО да ја зголемат потрошувачката за војската до крајот на годинава. Во спротивно, како што предупреди, администрацијата на Трамп ќа ја „ограничи својата посветеност“. Притоа Матис не образложи како Вашингтон би можело да ја намали својата посветеност. Тој на заедничката прес конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави:

„Фер е да се побара сите кои имаат корист од најдобрата одбрана во светот да даваат нивен пропорционален дел од потребните трошоци за да ја бранат слободата и ние никогаш не треба да заборавиме дека на крајот тоа е слободата што ние ја браниме тука во НАТО“, рече тој.

Матис прецизира дека НАТО годинава мора да усвои план со кој членките треба да почнат за војската да одвојуваат два насто од бруто домашниот производ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG