Достапни линкови

Хан бара солидна влада


Еврокомесарот Јоханес Хан
Еврокомесарот Јоханес Хан

Еврокомесарот Хан во Македонија одржува одвоени средби со лидерите на политичките партии кои се застапени во Собранието. Неговата посета коинцидира со внатрепартиските консултации за формирање Влада.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по Министерскиот состанок за Западен Балкан во македонското МНР изјави дека е важно новата влада да се формира на солидна и широка основа. Тој порача и дека во Скопје е дојден да ги ислуша лидерите на политичките партии, но и да ја пренесе неговата порака оти земјата има постигнато многу од пред две години по потпишувањето на Договорот од Пржино и спроведувањето на изборите, кои биле признаени од меѓународната заедница и дека следниот чекор е формирање влада, што поскоро. Според него, новата влада треба да биде изградена на солидна основа и да ја следи европската перспектива.

„Јас нема да давам никакви предлози на партиите за тоа како да продолжат. Што поголемо мнозинство има во Парламентот, тоа подобро. Крајната одлука треба да ја донесат политичарите во оваа земја и тие ја имаат одговорноста пред гласачите. Можеби резултатот од изборите го изненади некого, но гласачите секогаш се во право и тоа треба да се почитува. Сега задача на политичарите е да формираат влада, која ќе ја предводи земјата во наредните 4 години. Тоа е она што е важно, а демократските одлуки треба да ги почитуваат сите партии“, истакна Хан.

Хан попладнево ги започна одделните средби со лидерите на политичките партии што се застапени во македонското Собрание.

Тема на разговор се актуелната ситуација во земјата и разговорите за формирање влада по изборите на 11 декември. Хан на одвоените средби се сречава со лидерите на ВМРО -ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, на Беса, Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Ова е прва негова посета по изборите на 11 декември.

Пораките што комесарот Хан ќе им ги пренесе на партиските раководства, според очекувањата во јавноста треба да бидат во духот на она што го укажуваше и во изминатите денови од Брисел, дека треба да се формира влада која ќе се потпре врз уставно мнозинство, со што е можно поширока поддршка“ и оти Брисел со нетрпение очекува да се формира Влада.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар на почетокот на оваа недела за време на посетата во Прилеп изјави дека Хан ќе има билатерални средби со политичките лидери, како и со други чинители, на кои ќе се информира од прва рака за тоа до каде се работите и на кој начин ЕУ може понатаму да ја поддржи земјата.

Посетата на еврокомесарот Хан коинцидира со внатрепартиските консултации за конкретизирање на преговарачките позиции и можен договор меѓу СДСМ и ДУИ за формирање влада.

ВМРО-ДПМНЕ пак во изминатите неколку денови, по средбите со меѓународните претставници посочуваа дека состојбата во Македонија „е зрела за нови избори“ а од партијата предупредија дека прекршувањето на принципот победникот да коалицира со победникот ќе донесе проблеми во иднина.

На еден ден пред посетата на Хан, од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека ЕУ била и останува партнер на Република Македонија, но оти одлуките во Македонија ги носи само македонскиот народ и сите граѓани на Македонија кои на избори ја даваат поддршката и гласаат кој да ја води државата и во кој правец треба да се движи државата

„Очекуваме ЕУ да ја разбере и почитува волјата на мнозинството Македонци, бидејќи се останато ќе биде вовед во уште подлабока криза“ изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ немаше коментари за нивните очекувања во врска со денешната средба со Хан, а портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов кажа дека тие очекуваат посетата на еврокомесарот Хан да ја потврди изборната волја за промени.

„Очекуваме само да се потврди дека Македонија, на кредибилните избори оддржани на 11-ти декември, гласаше за промени на оваа власт и да се потврди заложбата за формирање на политичка влада која ќе ги спроведе неопходните реформи“, изјави Шилегов.

Во ваква политичка ситуација, аналитичарите коментираат дека посетата на Хан ќе служи за укажување дека е потребно што е можно побрзо да се направи влада, без при тоа да сугерира како политичарите да го изведат тоа.

Во обраќање пред Советот на Европа кон крајот на јануари, Хан изјави дека очекува во земјата брзо да се формира влада поддржана од широко парламентарно мнозинство, која ќе ги спроведе итните реформи и ќе продолжи да отвора европерспективи за земјата, и започнување на преговорите за членство.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG