Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ ја турка Македонија во прегратка на Русија?


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Груевски води двојна политика, реално е проруски, а само декларативно прозападно ориентиран, велат дел од домашните аналитичари. Други пак, сметаат дека нема вртење кон Русија и оти приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се евроатланските интеграции.

Реакциите на руското МНР околу последните случувања во Македонија не треба да се сфатат како мешање во внатрешната политика на земјата, туку како право на таа земја да го изрази своето мислење, вели поранешниот амбасадор во Русија Ристо Никовски, по последната реакција од официјална Москва дека политичката криза во Македонија се продлабочува, а целта е, како што се наведува, Западот да расчистел со македонските политичари кои не му биле омилени.

„Факт е дека нивната загриженост е оправдана и неспорен факт е дека западниот фактор директно се меша во нашите внатрешни работи. Само следете што изјавуваат амбасадорите во Скопје, тие држат лекции што треба да правиме. Дали да има или нема избори, кој да составува влада и слично, тоа е една реалност и затоа е позитивно што руската страна покажува дека се грижи и е заинтересирана за земјите во регионот,“ изјави Никовски.

Сосема спротивен став од овој на Никовски има професорот Мерсел Биљали. Тој посочува дека Груевски води двојна политика, односно дека реално е проруски, а само декларативно прозападно ориентиран.

„Тој бара спас по цена да го загрози мирот во државата, да ја дестабилизира државата. Русија не ја интересира Македонија оти не претставува значајна точка, освен како фактор за дестабилизација. Значи ако тука наоѓаат заедничка точка, тогаш тоа ќе биде многу лошо за државата и за сите воопшто“, изјави Биљали.

Поранешниот државен секретар за евроинтеграции Перо Димшоски, вели дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во последниот период дополнително ги збунува граѓаните и поддржувачите на нивната политика.

„Граѓаните на Македонија не знаат која е политиката на таа партија. Дали официјалните министри од оваа партија се согласуваат со соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кон американската амбасада или ќе се оградат од него. Сега засега не е јасно. Досега се декларираше една политика, меѓутоа во последните неколку недели станува јасно дека таа партија сака да го промени курсот во однос на евроатланските интеграции и разврска на политичката криза“, дециден е Димшоски.

Никовски пак, нема дилема дека Македонија е прозападно ориентирана и нејзин стратешки приоритет се евроатланските интеграции.

„Сите обвинувања дека има некакво вртење кон Русија се една чиста измислица, бидејќи дефакто и Русија освен малку повеќе во Република Српска и Србија е далеку од овој регион и барем засега не покажува некакви големи амбиции,“ вели Никовски.

На шпекулациите на некои медиуми дека дека амбасадата во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД, со одговор се јави Стејт Департментот. Оттаму изјавија дека Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на амбасадорот Џес Бејли и дека нема промена во американската политика кон Македонија.

Деновиве ВМРО-ДПМНЕ побара јавни одговори од ЕУ и Амбасадата на САД во земјава околу нивните изјави за потребата од брзо формирање нова влада. Начинот на комуникација, кој експертите го окарактеризираа како невообичаен во дипломатскиот свет, не оди во согласност со прогласот на партијата од 17 декември, кога јасно беше кажано дека ВМРО-ДПМНЕ историски, во сегашноста и во иднина била и ќе биде прозападно ориентирана партија, а нивната ориентација е членство во ЕУ и НАТО и стратешко пријателство со САД.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG