Достапни линкови

Беден бездомнички живот


Руинирана куќа на улица „4 ноември“ во Битола во која престојуваат бездомници.
Руинирана куќа на улица „4 ноември“ во Битола во која престојуваат бездомници.

Бездомниците во Битола се засолнуваат во руинирани објекти, во кои нема елементарни услови. Центарот за социјални работи не даде информации за тоа колку бездомници има во градот. Дел од нив примаат социјална помош, но не им е доволна за пристоен живот.

Во полураспадната куќа, со врата која не се затворала, без поголемиот дел од прозорците, со исклучена струја и нечиста вода живееле двајцата битолски бездомници Сашо Дахан и Пеце Андреевски во Битола. Дахан деновиве почина под мистериозни околности, а за неговаа смрт е осомничен Андреевски. Настанот ја отвори темата во какви услови оваа сиромашна категорија на граѓани ги менуваат деновите, посебно кога Битола е приклештена во студ и температурата паѓа до минус 20 степени, каква е нивната безбедност и како сврзуваат крај со крај?

Дахан во телевизиска репортажа за ТВ „Тера“ пред да почине изјавил дека во куќата на улицата „4 ноември“ во Битола немале елементарни услови за живот. Сопственикот на куќата бил починат, па така во неа се засолниле двата бездомници.

„Нема никакви услови. Немаме ни струја, ни вода, ни веце, значи најосновните работи што треба да ги има еден човек ги немаме. На нозете имам тромбофлебит, некоја гангрена. Дури можев работев, но еве последниве години ме нападнаа болести и не можам да работам, опаднав многу. Земам едно социјално 1.300 денари. Тоа не стига ни за леб“, изјавил Дахан.

Другиот бездомник Пеце Андреевски вели дека условите во кои живееле биле гнасни.

„Во таа куќа нема струја. Навечер немавме што да правиме и легнувавме порано. Свеќа уште некоја имавме и штедевме. Немаше струја, водата кога мрзнеше, а не беше ни добра за пиење. Живеевме во гнасни услови.“

Државата им понудила да се сметат во „сизовска“ куќа, но кога отишле таму немало струја.

„Ни дадоа од државата куќа сизовска, овие денови требаше да се преселиме. Но, немавме пари за да се преселиме. Отидов кај директорот од Комуналец за да ни помогнат финансиски. Ни префрли 3.000 денари за да можеме да платиме да ни ги пренесат работите зашто имаме и шпорет на дрва. Бев со лица од сизот, но во куќата немаше струја, рекоа дека ќе ја приклучат“, вели Андреевски.

Руинираните објекти низ градот, во кои нема елементарни услови за живот, најчесто обезбедуваат покрив над главата за бездомниците во Битола. Во вакви објекти тие воопшто не се безбедни.

Ова не е првпат бездомник да биде нападнат во Битола. Пред девет години Ариф Бајрамовски викан Клеј беше убиен со тула по глава во напуштениот женски интернат во Битола каде преку ноќта се засолнуваше да не биде на улица.

Од Центарот за социјални работи не добивме информации дали имаат точна евиденција на бездомници во Битола и дали има прифатен центар за сместување. Познато е дека дел од бездомниците примаат социјална помош. Но, таа не им достига за да обезбедат стан со пристојни услови за живот и храна.

Бездомници во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG