Достапни линкови

„Поезија и драма“ во чест на маестро Саша Николовски-Ѓумар


Концерт на пијанистот Дино Имери со Македонската филхармонија.
Концерт на пијанистот Дино Имери со Македонската филхармонија.

„Поезија и драма“ е насловен концертот што Македонската филхармонија, на 2 февруари, во 20 часот, ќе го изведе во чест на маестро Саша Николовски-Ѓумар. Солист ќе биде пијанистот Дино Имери, а со оркестарот наместо неодамна починатиот диригент ќе раководи маестро Емил Табаков од Бугарија.

По само една седмица од исклучително успешниот „Гротеска“, Македонската филхармонија со нов проект. Концерт насловен „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на неодамна починатиот диригент, уметник, професор и боем, маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017).

На 2 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, концертот „Поезија и драма“ е планирано да донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и Прелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од генијалниот германски композитор Рихард Вагнер.

Диригентот Емил Табаков од Бугарија.
Диригентот Емил Табаков од Бугарија.

Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој, пак, ќе ги изведе познатите „Фантазија на унгарски фолклорни теми“ и „Танц на смртта“, од врвниот унгарски пијанист и композитор Франц Лист.

Роден 1990 годиа, Дино Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со професорите Људмила и Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрирал на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијанофортисимо“, спектакуларен концерт што поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од неговиот татко - Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Црна Гора, Косово, Франција, Австрија...

Тој е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен е и во својата родна земја.

Во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика - наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“, а две години подоцна го добива и признанието „Лауреат на фондацијата Томислав Зографски“, кое е во функција на промоција на македонските композитори и изведувачи во земјата и во странство. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма - проект што му ги отвори интернационалните сцени.

И, уште малку фактографија од неговата досегашна кариера.

Во 2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање филмска музика. Нецели две лета подоцна бележи и низа големи меѓународни успеси, вклучувајќи го тука и неговото успешно деби со Софискиот филхармониски оркестар што резултира со покана за повторен настап само неколку месеци подоцна.

Редовно одржува рецитали, а активен е и на полето на камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

Говорејќи за „Поезија и драма“ Дино Имери вели дека тоа за него ќе биде посебно тежок концерт бидејќи требало да го изведе со прерано починатиот маестро Саша Николовски Ѓумар, кој остави зад себе „голема, голема празнина“.

„Ми беше навистина големо задоволство кога првенствено заедно почнавме да ја подготвуваме тешката програма на Франц Лист, „Фантазија на унгарски фолклорни теми“ и „Танц на смртта“, коишто многу ретко се изведуваат на светските подиуми но и кај нас токму поради нивната тежина и виртуозност. За мене, пред сè, емоционално ќе биде тежок концертот, но сепак треба на еден ваков начин да се оддаде една почит, една благодарност на сè тоа што маестро Ѓумар го направи за сите нас во сите негови години на плодна, плодна дејност како диригент“, истакнува Дино Имери.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG