Достапни линкови

Активизмот на ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО и Тони Димитров во „Вондерласт“


Пост глобал трио
Пост глобал трио

Звучните пејзажи на ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО и сликите на бесчувствителност на хомосапиенсот кон остатокот од живиот свет на оваа планета од изложбата отпечатоци насловена „Фратино“ на Тони Димитров, го чинат несекојдневниот артистички перформанс што е планирано да се случи овој четврток, на 26 јануари, во 21 часот, во скопскиот концептуален клуб „Вондерласт“.

ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО е проект зад кој со својата имагинативност, потребата за континуитет во взаемната соработка и развој на определената сцена стојат Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски. Нивната музика е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и наративниот тек, оставајќи го слушателот без здив со својот звучен тек. Едноставно вметнатиот медитативен амбиент и особено теренските звуци имаат моќ да ве поведат низ имагинарните пејзажи, раскажувајќи ја приказната за чувствата и за природата.

Како што самите забележуваат „нивниот звук иако се стреми да биде конкретен до одреден степен, сепак се раслојува во апстрактни слоеви, останувајќи мистерија која се ужива и без да се разбере во рамките на својата карактеристична категоризација и импулси“. Нешто на што најпрво органски би се залепиле „уживателите на тишината и на звуците на природата“.

Нивното прво издание е достапно на сопствената издавачка етикета Post global recordings, вториот албум се појави за американската Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed.

На претстојниот настап, ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО премиерно ќе го претстават новиот материјал снимен во студиото на Канал 103. Албумот наскоро, како нивна четврта објава, треба да биде публикуван за шведската издавачка етикета Shimmering Moods Records.

„Концептот е доста сличен на она што и досега сме го правеле, значи станува збор за една своевидна импровизирачка сесија, со таа разлика што овој пат покрај оној амбиен и дрон момент, снимките од природа, има и благ ритам. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира во еден поинаков простор. Досега, независно дома или надвор, сме свиреле и на клупски сцени и во театарски и концертни сали, но никогаш во еден ваков концептуален простор каде што покрај музички настани има и одредени други уметнички креации, па затоа очекуваме сето тоа едно на друго убаво да се надоврзе“, вели Тони Димитров.

Мултимедијалниот уметник дополнува дека приказната ќе биде заокружена со отворањето на неговата изложба „Фратино“. Станува збор за поставка која на виделина ги вади делата создадени летото 2011 година во Васто, Италија, за време на проектот Bitta generation. Делата се работени во неконвенционална техника која би се карактеризирала како примитивен печат, работен со микро-шаблон и акрил преку повеќе нанесувања на различни видови хартија наменета за традиционално печатење графички техники во длабок печат.

Креирани се на сончевите песочни плажи на малиот јадрански град, како протест против можното уништување на самите плажи кои се претворени во природни резервати поради гнездење на еден редок ендемски вид мала птица - фратино.

Димитров појаснува дека на само километар од резерватот странските корпорации правеле бушотини за експлоатација на нафта. Истакнува дека како и на многу други места доколку се дозволела експлоатацијата на црното злато ќе се случело замирање на резерватите од страшните хемиски истекувања кој го зафаќаат целиот крајбрежен регион. Затоа покрај протестите одржани со локалното население во гратчето Термоли, во Васто се работело и на уметнички креации (графички, стрип и видео) за изложба токму на оваа тема, кои имале за цел будење на локалното население околу овој проблем и навремена реакција кoја ќе го спаси регионот од еколошка катастрофа.

Ќе рече дека отпечатоците се алузија на нафтени дамки, истечена нафта, мутирани риби или животни натопени во леплива нерафинирана нафта... Чести слики во приморските региони каде се ископува нафтата. Грозоморни слики на нашата реалност, која се случува на нафтените платформи или во зафрлените далечни делови на планетата, подалеку од светлото на градовите осветлени со овој свет енергенс. Слики на бесчувствителноста на хомосапиенсот кон остатокот од живиот свет на оваа наша планета.

„Иако се работи за дела коишто се направени пред да биде создадена музиката на ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО сепак некако кореспондираат со она што го правиме или со интересите на нас како луѓе. И самата музика содржи некои звуци од природа, од планина, од море, така што можеби ќе кореспондираат во целиот овој активистички контекст“, смета Димитров.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG