Достапни линкови

МКЦ в петок во ритамот на шестиот „Роденден“


Со ретроспективна изложба на култниот белградскиот уметник Душан Герзиќ – Гера, концерт на ФОЛТИН посветен на рокенрол класикот Дејвид Боуви, традиционалниот поетски перформанс „Песнило“, диџеј-сет на ФАНК СОУЛ БРАДЕРС, филмски маратон и со отворање на новиот урбан дуќан „Ап(о)тека“, овој петок, на 20 јануари, по шести пат, ќе се случи манифестацијата „Роденден“ со која се чествува Светскиот ден на уметноста и, во случајов, се прославуваат јубилејните 45 години на Младинскиот културен центар - Скопје.

На урбано и слободномислечко Скопје, овој петок, на 20 јануари, како што велат од МКЦ по нивниот „МКЦијански“ календар, по шести пат ќе му се случи настанот насловен „Роденден“. Во случајов чествувањето на Светскиот ден на уметноста, зачнато пред неколку децении од францускиот уметник Роберт Филио, се совпаѓа со прославата на јубилејните 45 години од главноградската институција чија обврска била и ќе биде да ја промовира младинската (суб)култура.

Во рамките на ваквите трајни настојби, и за годинава е подготвена програма која неминовно го изнудува вниманието на повеќето генерации кои не се мират со пост-новогодишното зимско мртвило. Со неа практично почнува и реализацијата на активностите кои потем се протегаат во текот на целата актуелна година.

„Драго ни е што успеавме во еден ваков студен месец каков што е јануари редовно да имаме настан којшто е широко посетен, којшто нуди едно топло добредојде на сите наши гости и пријатели преку целата година и конечно којшто израсна блиску до другите случувања и фестивали што ги потпишува нашата институција како МОТ, „Синедејс“, „Здраво млади“ и ред други“, вели Русе Арсов, уредник во Младинскиот културен центар.

Фолтин
Фолтин

Инаку, Роденден-от на самиот почеток ќе ја понуди ретроспективната изложба на цртежи, колажи и слики на „апостолот на урбан Белград“ - Душан Герзиќ – Гера. Станува збор за еден од најталентираните тамошни ликовни уметници од крајот на 20-от век, чие творештво се движи во распон од слики, цртежи и колажи, до фотографии, сликање на тело, карикатури и стрипови.

Гера во последните десетина години од животот главно изложувал во помали галерии во Париз и Њујорк, каде што живеел некое време, а како што ќе забележат ликовните теоретичари „неговото творештво е израз на спојот на неговиот бурен карактер и деликатноста на неговата личност и уметничката постапка“. Вреди да се спомене и тоа дека Герзиќ, како графички дизајнер е автор на идејните решенија на флаерите, постерите и обвивките на плочи и дискографските изданија за најзначајните југословенски групи како ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ, ИДОЛИ, ЕКВ, ХАУСТОР... Тој е и еден од првите уметници во бившата држава, кој се занимавал со сликање по голо тело, а во редот на оние чии тела биле обоени од неговите визии се актерката Соња Савиќ, пејачката на риечкото електро-поп дуо ДЕНИС И ДЕНИС - Марина Перазиќ, како и Милан Младеновиќ, Маргарита Стефановиќ, Бојан Печар и Иван Фирчи Феце кои во 1985 година го снимија својот втор албум за ЗКП РТЉ – насловен со името на бендот - „Екатерина Велика“.

Изложбата ќе биде отворена со пригодна реч на неговиот брат Боривој Герзиќ. Не многу по тој чин, во Дансинг салата „25-ти Мај“, ќе започне концертот со кој ФОЛТИН, или ако милувате „Паднатите од Марс“, ќе го чествуваат творештвото на непрежалениот Дејвид Боуви, еден од најзначајните ликови во историјата на рокенролот воопшто.

Говорејќи за ваквиот перформанс, Бранислав Николов знае да каже дека ФОЛТИН и Дејвид Боуви е една од поодамна воспоставена врска. Врска којашто постои негде од пред една деценија. Вели дека за разлика од другите трибјут-концерти што ги правеле низ годините, како оној за Едит Пјаф којшто беше наменет за театар или оној за МОРФИН којшто траеше пократко и беше затворен во медиумот, со Боуви се случила една поголема постојаност.

„Со Боуви се случи една поголема постојаност, еден поголем континуитет, а тоа беше само заради еден пресек на вкусови на секој член поединечно во групата. Се најдовме онака да ни одговара и по енергија и по стил. Би можел да кажам еден прекрасен брак помеѓу поп-музиката и арт пристапот и не само во поп културата, туку и воопшто во музиката. Еден човек што навистина е паднат од Небото“, вели Николов.

Тој дополнува дека потем направиле една пауза во чии рамки одвреме-навреме посегале по некоја боувиева песна, а еве сега со нова енергија и емоција го враќаат и целокупниот репертоар.

Тука некаде во близина е и поетскиот перформанс „Песнило“ кој ќе се одвива во кино „Фросина“ и на кој ќе настапат десетина македонски поети, „наши деца (па и не баш деца)“ и „кои ќе се обидат своето беснило да го искажат во една поинаква перформаторска форма“. Модератор на настанот и годинава е Иван Шопов, кој и претходно знаел да ги мотивира поетите „малку да откачат, да ја разлеат сопствената творечка енергија и да излезат од конвенционалното презентирање на тоа што го пишуваат“.

Во меѓувреме, со големо љубопитство ќе се прегледува понудата на новиот урбан гранап „Ап(о)тека“ (плочи и други носачи на звук, маици, беџеви, книги...) кој допрва вистински треба да заживее, во кино „Милениум“ ќе тече филмскиот маратон со специјално подготвена селекција на одбрани дела, а „Роденден“ е предвидено да кулминира со сетот на белграѓаните ФАНК СОУЛ БРАДЕРС, коишто деценија и половина, како огромни почитувачи на „органскиот црн звук“, со грамофоните раскажуваат бројни фанк, соул, џез, диско-фанк, афробит, даб и какви не стории цедејќи ги последните атоми од присутните љубители на танцот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG