Достапни линкови

ХРВ: загриженост за човековите права во Западен Балкан


Владите во регионот на Западен Балкан треба да ги ревитализираат нивните напори за зајакнување на човековите права и да создадат средина за почитување на правата за сите. Ова се наведува во годишниот извештај на Хјуман рајтс воч објавен денеска за проблемите со човековите права во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Косово во текот на минатата година.

Загриженоста за човековите права во Западен Балкан го вклучува бавниот напредок во областа на правдата за воени злосторства во националните судови, напади и закани против новинарите и мешање на владите во нивната работа, како и дискриминација на малцинствата.

Меѓу проблеми се нерешавањето на случаите за барање ипренатрупани прифатни центри за мигрантите и бегалците.

„Владите на земјите од Западен Балкан треба да преземат конкретни чекори за подобрување на слободата на медиумите, заштита на малцинствата и бегалците и спроведување на правдата за воени злосторства“, вели Лидија Гал, истражувач за Балканот и Источна Европа во Хјуман рајтс воч.

„За напредок на човековите права не е важно само да бидат исполнети европските аспирации“, додава таа.

Во 27 издание на Светскиот извештај на Хјуман рајтс воч се коментираат човековите права во повеќе од 90 земји.

Во својот воведен текст, извршниот директор Кенет Рот пишува дека новата генерација на авторитарни популисти се обидува да го скрши концептот на заштита на човековите права, третирајќи ги како пречка за волјата на мнозинството.

За оние кои се чувствуваат оставени зад глобалната економија и се повеќе се плашат од насилниот криминал, групите на граѓанското општество, медиумите и јавноста имаат клучни улоги за реафирмирање на вредностите за почитување на човековите права врз кои е изградена демократијата.

Во текот на 2016 година, новинарските здруженија регистрираа неколку напади и закани, вклучувајќи и смртни закани против новинарите во Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Несоодветните владини одговори на овие напади и закани во целиот регион создаваат услови за неказнивост на напаѓачите и застрашувачка атмосфера за медиумите, оценува Хјуман рајтс воч.

Новинарите и медиумите, исто така, се соочуваат со мешање од владите и несакани мерки во судовите. Исто така се наведува дека ЛГБТ групите се соочуваат со малтретирање и заплашување во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Косово.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG