Достапни линкови

Тепачка во турскиот парламент во дебатата за уставните измени


Тепачка меѓу турските пратеници од владејачката Партија на правдата и развојот и на главната опозициска Републиканска народна партија се случи за време на дебатата за уставните измени. Со измените се зголемува извршната власт на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

До тепачката дојде откако пратениците на владејачката партија се обиделе да и забранат на опозициската пратеничка Фатма Каплан да ја снима седницата со нејзиниот мобилен телефон.

Пратеници од двете партии потоа почнаа да разменуваат тупаници по што претседателот на парламентот ја прекина седницата.

Пратениците јавно гласаа посебно за секој од 18 членови на законот.

Опозицијата беше на став дека според Уставот, за уставните измени треба да се гласа тајно.

Според реформите, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ќе може да назначува и да разрешува министри во владата, да се врати како претседател на владејачката партија и да владее до 2029 година.

Тој главно би владеел со претседателски декрети за повеќе прашања без да му биде неопходно консултирање со парламентот.

Ердоган и неговите поддржувачи аргументираат дека на Турција и треба силна пртетседателска власт за да се спречи враќањето на нестабилноста предизвикана од слабите коалициски влади во минатото.

Јунус Басер, пратеник од владејачката партија вели:

„Воведуваме национален систем, но и универзален исто така. Значи немаме никаква грижа на совеста. Овој предлог за уставни промени е во согласност со потребите на земјата и на овој век“, вели тој.

Критичарите пак, страхуваат дека реформите всушност ќе претставуваат легализација на авторитарната власт во Турција.

Опозицискиот пратеник Озгур Озел оценува дека промените се директна закана на парламентарната демократија.

„Овој предлог го покажува вистинското лице на политичката партија која вели дека нема никакви проблеми со секуларниот режим и оти како дел од тој систем си спроведува сопствени акции. Ова е предлог за промена на системот“, вели тој.

За да помине законот за реформи на Уставот е неопходна поддршка од 330 од 550 пратеници во парламентот.

Потоа, најверојатно напролет, би требало да се организира референдум.

Владејачката партија има 316 пратеници и бара од опозициската националистичка партија Национално движење да ја поддржи при гласањето.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG